Досега над 12 000 граѓани се потпишаа на петицијата покрената од Младински образовен форум (МОФ), пренесе Радио МОФ со која се бара од институциите годинешното екстерно тестирање да го прогласат за пробно.
Петицијата ја поддржаа ученици, родители, наставници како и загрижени граѓани кои сметаат дека заради бројните технички проблеми при спроведувањето на екстерното тестирање истото треба официјално треба да стартува од следната година, а годинава да се прогласи за пилот-проект.
Петицијата се потпишува на фреквентни локации низ Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Битола, Велес, Куманово, Кратово, Делчево, Гевгелија, Неготино, Штип и Струмица.
Паѓања на компјутерскиот систем, пробиените тестови кои се ширеа преку социјалните медиуми, тестовите кои содржеа прашања од материјал кој не е предаден, прашањата кои не содржеа ниту еден точен одговор, како и масовната појава на слаби оценки кај цели генерации по одредени предмети, се само дел од посериозните пропусти и неуспеси на екстерното оценување, посочуваат од МОФ.
Темјана Поповска