Ракометарите на Вардар обезбедија учество на „Фајнал фор“ турнирот во регионалната СЕХА-лига, откако вечерва, во реваншот од четвртфиналето, на гостувањето кај ППД Загреб загубија со 25:22 и ја зачуваа предноста од четири гола од првиот меч во Скопје.
Вардарци по десетти пат се пласираа на завршниот турнир каде играат од самото формирање на лигата, додека хрватскиот тим за прв пат ќе пропушти Ф4.
Загрепчани на полувреме отидоа со водство 12:10, но клучна за севкупниот победник беше серијата од 4:0 на „црвено-црните“ на почетокот на вториот дел. Првиот гол домаќините го постигнаа дури по осум и пол минути.
Најзаслужни за успехот на Вардар се голманот Мартин Томовски кој забележа 12 одбрани и Тимур Дибиров со пет голови.
На „Фајнал фор“ турнирот во Задар, Хрватска, од 3 до 5 септември, во полуфиналето, Вардар ќе игра со Мешков Брест (Белорусија). Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Веспрем (Унгарија) и Мотор Запорожје (Украина).