Студентите на УКИМ поделени околу моделот на настава, Царовска ги повика универзитетите да се консултираат со Комисијата

Од:

Министетството за образование и наука е надлежно за организирањето на наставата во основните и средните училишта, а универзитетите треба да се консултираат со Министерството за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести и заедно да донесат одлука за моделот на настава и протоколите, порача министерката за образование и наука Мила Царовска.

-Затоа ги повикувам сите универзитети, согласно моделите за кои размислуваат, да се обратат во Комисијата за заразни болести и заеднички да одлучат под кои протоколи. Затоа што секоја институција има свои специфики во работењето и протоколите треба да се приспособени на тие специфики, изјави Царовска при посетата на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Откако Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скпскиот универзитет вчера соопшти дека предавањата од зимскиот семестар на 2021/2022 ќе бидат комбинирани (онлајн и со физичко присуство), претседателката на УСС на УКИМ Ева Цветковска денеска соопшти за анкетата што ја спровеле, според која е мала разликата во ставовите на студентите кои сметат дека наставата треба да биде целосно онлајн и оние што мислат дека сите треба да следат предавања со физичко присуство. Рече дека чекаат препораки од експертите од Комисијата за заразни болести и од надлежните институции во која насока треба да се движат.

– Поради итноста, анкетата траеше само еден ден, но имаше голем одѕив. Обично имаме од илјада до две илјади одговори, а на оваа добивме околу седум илјади. Гласот на студентите е поделен скоро на половина – беше околу 200 гласови разлика дали да биде комплетно онлајн или комплетно со физичко присуство. Многу е тешко да се делат студентите на вакцинирани и невакцинирани и ничие право не смее да биде ускратено за слушање на предавањата и полагање на испитите врз основа на тоа дали се вакцинирани. Секој има право на избор дали сака да се вакцинира, некои не можат од здравствени причини да се вакцинираат. Затоа апелирам до надлежните да обезбедат алтернативни начини со кои студентите би можеле да се вратат во академските клупи. Мора да ја имаме предвид моменталната здравствена состојба и да го правиме тоа што таа ни дозволува, бидејќи вирусот е непредвидлив и зема многу животи и не знаеме колку сме спремни да се вратиме целосно во клупите, рече Цветковска која, сепак, ги повика студентите да се вакцинираат, а надлежните да помогнат со пунктови за вакцинирање на Универзитетот и обезбедување брзи тестови.

Во однос на училиштата, кои од 1 септември ќе бидат отворени за настава со физичко присуство за сите ученици (основци и средношколци), министерката Царовска повтори дека има две резервни сценарија ако се влоши епидемиолошката состојба и се зголеми ризикот од ширење на заразата, но не прецизираше дали има точни критериуми или процент на заразени во училиштата што ќе одреди кога ќе се примени второто или третото сценарио. Нагласи дека МОН е надлежно за образованието, а за здравствениот аспект се следат инструкциите на стручните лица во Комисијата за заразни болести.

– Планот е донесен во јуни и по него постапуваме до денеска и се е навремено донесено и јавно објавено. Како ќе се менува епидемиолошката слика, така Комисијата за заразни болсти ќе го информира МОН дека се појавува ризик. Минатата година 40 отсто од учениците беа на настава со физичко присуство во училница и немаше ниту еден случај на интерна трансмисија на КОВИД-19. Тоа покажува дека со почитување на дадените протоколи може да се спречи интерна трансмисија. Имаше безбеден и континуиран образовен процес и немавме затворање на цели училишта. За разлика од земји во регионот каде што постојано имаше промена на моделите и постојано затворање на училиштата. Сметам дека добро ги водиме процесите, изјави Царовска, додавајќи дека лани МОН на дневно ниво од сите училишта во државата собирало податоци за позитивни случаи на наставници и ученици и ги проследувало до Комисијата за заразни болести, а таа ги давала насоките.

Би можело да ве интересира

Втор уписен рок за прва година на УКИМ, слободни места има на речиси сите факултети

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Упис на УКИМ на 29 и 30 август, слободни над 9900 места за студенти во прва година

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Предраг Петровиќ