Не постои друга напивка што потсеќа на Бразил, повеќе од кашаса (cachaça), една од главните состојки во најпопуларниот коктел во земјата „Кајпириња“ којшто содржи и шеќер, малку цитрус и многу мраз.
По корона-пандемијата, производителите во оваа индустрија се надеваат на зголемување на нарачките во странство, за да си ги надоместат загубите. Но, како што признава Лучијано Сади Андраде, маркетинг-менаџер во компанијата „Милер де Бебидас“: Отсекогаш било предизвик да се објасни концептот на кашасата на странскиот пазар.
Што точно е кашаса? Тоа е пијалак со високо ниво алкохол којшто е дестилиран од сок од шеќерна трска. Ова, велат Бразилците, го разликува од румот, кој обично се прави од остаток од преработката на шеќерна трска во шеќер. Обожавателите на кашасата велат дека пијалокот е посвеж и „повеќе овошен“ од румот.
Се верува дека кашасата, која може да се најде само во Бразил, првпат била дестилирана во 1516 година, што значи дека му претходела и на румот и на текилата.
Таа исто така, се смета за трет најпроизведуван вид алкохол во светот, по вотката и кинеската бела ракија „Баиџу“. Земјата произведува околу 800 милиони литри кашаса годишно, но само околу еден отсто се извезува во странство.