Суд во Бразил ќе спроведе истрага против десничарскиот бразилски претседател Жаир Болсонаро заради неговата критика на процесот на електронско гласање, што во земјата се спроведува од 1996 година.
Болсонаро, исто така, ќе биде повикан на распит заради ширење лажни вести за изборите во текот на преносот во живо на Фејсбук минатиот четврток, кога повеќе од два часа зборуваше дека е убеден дека има измами за време на последните и претпоследни претседателски избори.
Истрагата треба да утврди дали претседателот извршил кривични дела злоупотреба на функцијата во нападите врз изборниот систем и легитимитетот на претстојните избори во 2022 година.
Болсонаро претходно изјави дека избори во Бразил нема да има доколку не се дозволи гласање со гласачки ливчиња.
Илјадници приврзаници на Болсонаро пред два дена, во неделата, протестираа во Рио де Жанеиро, Сао Паоло и Бразилија, барајќи на изборите повторно да се користат испечатени гласачки ливчиња.