Шефот на државата Стево Пендаровски во престојниот период не очекува некои поголеми промени во однос на спорот со Бугарија, со оглед на тоа што земјава реално во моментов нема соговорник од другата страна, бидејќи Софија сѐ уште нема формирано Влада.
На брифинг со новинарите, Пендаровски посочи дека не е исклучена можноста во преговорите да се вклучи и трета страна, за да се постигне некакво решение во спорот меѓу двете земји.
Пратеникот од бугарската политичка партија „Има таков народ“ која доби најмногу гласови на предвремените парламентарни избори, Станислав Балабанов објави дека денеска ќе биде познат нивниот кандидат за премиер. Бугарски медиуми јавија дека најверојатен кандидат на „Има таков народ“ за премиер е Петар Илиев. Претседателот на државата Румен Радев објави дека денеска започна постапката за предавање на првиот мандат за формирање влада на Бугарија.
Пендаровски за резолуцијата за „црвените линии“ во преговорите со Бугарија, која вчера ја усвои Собранието, не смета дека е штета, туку напротив смета дека ја дефинира нашата позиција и не е воопшто навредлива, каква што е резолуцијата на бугарскиот Парламент.
Собранието вчера ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Резолуцијата во Собранието беше изгласана со 95 гласови „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата, Република Северна Македонија.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Софија.