Пишува проф.д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Фотографија: Дел од Извештајот за трговија со луѓе за 2013 г.
Тоа што Македонија се појавува како земја сместена во првата група во Извештајот на Стејт департманот, воопшто не е приказ на фактичката ситуација за нејзината успешност во борбата со трговијата со луѓе.
Ова произлегува од таму што самиот извештај не нуди само факти, туку и значителен број интерпретации и како таков треба да биде и претставен. Ова во никој случај не ја намалува неговата вредност и не значи дека не треба да биде земен предвид, меѓутоа, никако не смее да се поистовети со мерење на фактичката состојба.
Имено, дури и во самиот извештај (во делот за методологијата) јасно се истакнува дека податоците кои се користат не се мерливи/егзактни величини туку збир од информации собрани преку разговори и збир од формални и неформални податоци собрани од страна на амбасадите, владини службеници, невладини организации, извештаи, медиумски известувања, истражувачки извештаи и информации добиени преку посебна интернет адреса воспоставена за оваа намена.
Во својот извештај за трговијата со луѓе во 2013 г., Стејт департманот ја поставува секоја земја во една од четирите групи (нивоа), како што тоа е пропишано со Актот за заштита на жртвите на трговија со луѓе (TVPA). Ова поставување повеќе зависи од опсегот на владиното дејствување во борбата против трговијата со луѓе отколку од размерот на самиот проблем. Анализите се базираат на опсегот на владините напори за исполнување на минималните стандарди на TVPA за елиминирање на трговијата со луѓе (видете стр. 412), кои се усогласени со Протоколот од Палермо.
Иако Групата 1 е највисоко рангирана, тоа не значи дека земјата нема проблем со трговијата со луѓе. Напротив, рангирањето во Група 1 укажува дека Владата го признала постоењето на трговија со луѓе, направила напори за справување со проблемот и ги исполнува минималните стандарди на Актот за заштита на жртвите на трговија со луѓе. Секоја година владите треба да покажат значителен напредок во борбата против трговијата со луѓе за да останат рангирани во Група 1. Всушност, да се биде дел од Групата 1 претставува одговорност, а не можност за одмор. Една земја никогаш не завршува со својата борба против трговијата со луѓе.
Ова е многу различно од извештаи кои се изработуваат врз основа на факти, како на пример, мерењето на сиромаштијата од страна на Светската банка, кое се прави пред се врз основа на статистички податоци.
Уште повеќе, еден ваков извештај кој не се потпира на бројки и мерливи податоци, сам по себе претставува интерпретација која соодветствува на интересите и потребите на тој кој го изработува. Во конкретниот случај тоа се политичките интереси и афилијации на САД. На пример, тоа е видливо од мапата на држави кои се распределени во одделни групи, а меѓу кои се вброени и такви држави како Колумбија (во која внатрешната општа несигурност, делувањето на различни милитантни групи и генералното непочитување на човековите права никако не можат да бидат споени со првата група во борбата против трговијата со луѓе).
И уште повеќе. Оваа и ваква интерпретација не се прави врз основа на меѓународно усвоени и прифатени стандарди, туку врз основа на национален закон на САД (Акт за заштита на жртвите на трговија со луѓе на САД).
Тоа дека нешто може да се смета за факт, не му дава веднаш и кредибилитет на точност или неспорност. Во врска со фактите може да се постави прашањето на: кредибилност на изворите, можноста за докажување, усогласување, можност за манипулација, селективно прикажување. Фактите можат да бидат погрешни и сознанието за фактите може да се менува. Меѓутоа, интерпретациите не смеат да се прикажуваат како факти и информациите кои ги пружаат медиумите треба да се базираат на што е можно повеќе факти, а помалку интерпретации и перцепции. Не случајно, во одделни медиуми е направен обид дури и за многу физичко раздвојување на информациите во кои се презентираат фактите од анализите кои претставуваат интерпретации на овие факти.
Тоа значи дека во соодветното информирање на јавноста за Извештајот на Стејт департманот, Република Македонија не смее да се прикаже како лидерво борбата против трговијата со луѓе (што кај читателотасоцира на меѓународно призната позиција воспоставена врз основа на објективни/мерливи податоци – факти), туку да се информира за:
– Постоење на извештајот на Стејт департманот,
– Во кој САД ја интерпретираат и прикажуваат политиката на Република Македонија во борбата со трговијата со луѓе
– како политика која овозможува исполнување на минималните стандарди дадени во националната легислатива на САД, и
– ја сместуваат Република Македонија меѓу државите кои САД сакаат да ги прикажат како успешни во борбата со трговијата на луѓе.
На ваков начин е јасна разликата меѓу фактите и интерпретациите и е овозможена натамошна анализа на извештајот на Стејт департманот низ призмата на политиката на САД кон одделни држави, а во контекст на нивното разбирање на стандардите за борба против трговијата со луѓе.
Доколку го прифатиме овој извештај како збир од интерпретации и факти, а не збир од факти тогаш може и треба да ги поставиме прашањата: од која позиција е направен извештајот, во кое време, со која цел, врз основа на што, на кој начин и се разбира, што кажува овој извештај за надворешната политика на САД кон Македонија и останатите држави.
Овааанализа е изработенаворамкитенаПроектотна УСАИД зазајакнувањенамедиумитевоМакедонија – КомпонентаСервисзапроверканафактиодмедиумите, имплементиранаодМетаморфозис.Анализата e овозможенaсoподдршканаАмериканскатаагенцијазамеѓународенразвој (УСАИД).Содржинатанаанализата е одговорностнаавторот и негиодразуваставовитенаМетаморфозис, УСАИД илиВладатана САД.Заповеќеинформациизаработатана УСАИД воМакедонија, вемолимепосететегивеб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницатана УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).