Громот во Охрид удрил на неколку метри од брегот, а повредени се тие кои седеле на три до пет метри од водата

Од:

Громот на охридската плажа „Оревче“ удрил на неколку метри од брегот на Охридското Езеро, сведочеле очевидци за менаџерскиот тим. Како што објавија, гостите кои се повредени седеле на три до пет метри од водата. Во моментот кога удрил громот, немало невреме и дожд, па велат, ништо не навестувало дека ќе има таков силен удар.

„Веднаш реагираше спасувачот ангажиран од наша страна преку Црвениот крст Охрид, а да помогнат притрчаа и дел од гостите кои останаа присебни. За неколку минути паниката беше смирена, а неколкумина со лесни изгореници заминаа на лекарски преглед“, велат од плажата „Оревче“.

Инаку, бројот на повредени од две се зголеми на пет лица. Сите побарале лекарска помош во Општата болница во Охрид. Директорот на болницата, Горан Балев за „А1он“ објасни дека нема хоспитализирано пациенти и дека сите се пуштени по прегледите. Две од лицата се од Ресен и Битола. Денеска на плажата беше откажан и настапот на двајца диџеи, поради лошото време.

Громот удри попладнево околу 16 часот, а на него претходеше невреме со силен дожд и ветер. Најголем дел од плажите целосно се испразнија, како и масите од угостителските објекти кои се поставени на отворено. Вакво време имаше и вчера, се очекува и наредните денови, со поинтензивни врнежи на дожд и појава на град.

Центарот за управување со кризи излезе со препораки и апел за наредните денови, за кога е најавено променливо облачно, врнежливо и посвежо време, претежно попладне наместа со пороен дожд и грмежи.

„Покрај потребата за превенција заради најавеното невреме со поројни дождови и ветар, до субјектите од системот за управување со кризи, ЦУК апелира и за лично граѓанско превентивно однесување за време и после невреме во одредени локални региони. Покрај препораката за градоначалниците и субјектите во Системот за управување со кризи за преземање превентивни мерки, неодминливо е да се апелира и до сите граѓани да не движат покрај речни корита и суводолици (за време и по локално невреме), заради можни брзи и ненадејни порои, да престојуваат и да се засолнуваат во простори што се на пониско ниво и може да бидат поплавени и секако, во случај на појава на грмежи и електрични празнења се препорачува поголема внимателност – да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја“, информираа од ЦУК.

Би можело да ве интересира

Уапсен маж осомничен дека предизвикал пожар, кај него е пронајдена запалка тврди полицијата

Велешките пожарникари извлекле мајка и дете од автомобил на поплавена улица

ВИДЕО: Дождот направи поплави во Велес, небото се спушти и над Скопје

(ВИДЕО) Невреме во Србија: Ветрови со сила на ураган носеа сè пред себе, наврна многу дож, а некаде падна и град

(ВИДЕО) Невреме во Германија: Загина 11-годишно дете, поплавени се подруми, патиштата се затворени

(ВИДЕО) Страшна бура го погоди Пожаревац

Горан Наумовски