Жителите на селото Чифлик во општина Чешиново-Облешево денеска излегоа на предупредувачки протест и ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат Кочани – Штип, со единствено барање до локалната власт да им обезбеди водовод и канализација.
На протестот истакнаа дека во изминатите дваесетина години повеќепати реагирале кај сите градоначалници од различни политички опции, но проблемот никој не им го решил, поради што се заканија дека нема да излегуваат на избори.
-Живееме во 21 век, а немаме ниту водовод, ниту канализација. Со вода за пиење се снабдуваме од сопствени пумпи, но прашање е колку таа е технички исправна за користење. До пред 2015 година кога имаше големи поплави, водата донекаде беше во ред, но оттогаш подземните извори се измешаа со фекалните води, се загадија и премногу голем ризик е да се користат за пиење и готвење. Принудени сме да купуваме пакувана вода или да полниме во Кочани и другите соседни места. Со нас на протестот се и претседателите на месните комитети на двете најголеми политички партии и ги информиравме дека во селото не ни се потребни кампањи за избори. Кога ќе го решат проблемот, тогаш нека доаѓаат, истакна Фиданчо Јанев, жител на Чифлик.
До пред три децении Чифлик било село со најразвиена инфраструктура во тогашната општина Кочани, но по влегувањето во сегашната општина останало заборавено од локалната власт. Тоа е главната причина што младите полека се иселуваат.
-Пред пет години почна да се гради канализација, но поради непрофесионално изведени градежни работи, кои беа без надзор, парите се потрошија, а цевките попуштија и колекторот воопшто не беше ставен во функција. Сметаме дека со децентрализацијата и одземањето на улогата на месните заедници, нашите села почнаа да назадуваат. Во локалните самоуправи се размислува само за административни вработувања, а комуналните проблеми на граѓаните остануваат нерешени, истакна Ване Николов, поранешен претседател на месната заедница во Чифлик.
Жителите на Чифлик нагласија дека повеќепати поднесувале барања до Општина Чешиново-Облешево да им ги реши основните комунални проблеми, но добивале одговор дека не се обезбедени финансиски средства. Тие се сомневаат дека локалната самоуправа може да добие некаква поддршка, бидејќи поради неодговорното однесување претходните проекти не биле завршени успешно.