Мобилни скенери, дензитометри и камери се дел од опремата што УСАИД ја донираше за царинските управи на Македонија и Албанија, за олеснување на трговијата и транспортот и подобрување на прекуграничната соработка меѓу двете земји со цел воспоставување заеднички граничен премин и заеднички контроли на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане.
Донацијата во вредност од 100.000 евра, која се состои и од советодавна помош, денеска на граничниот премин Ќафасан ја промовираа амбасадорките на САД во Македонија и во Албанија Кејт Мари Брнз и Јури Ким, претставникот на царинската администрација на Северна Македонија, Илија Јаноски и директорот на албанската царина Генти Гажели.
Безбедните и ефикасни гранични и царински контроли, според амбасадорката Брнс, се неопходни за олеснување на трговијата и транспортот, за побрзо пренесување на стоките преку границата и за поврзување на локалните бизниси со регионалните и глобалните пазари и синџири на снабдување.
– Овој граничен премин е важен пример, бидејќи е на Коридорот 8, стратешки правец што го поврзува регионот, од Црното Море до пристаништето Драч, од земја-членка на ЕУ до аспиранти за членство во Унијата. Коридорот 8 е приоритет за Владата на Северна Македонија, а треба да се гледа и како приоритет за регионот. Со градење и инвестирање во оваа важна инфраструктура и со зголемување на соработката на границата, Северна Македонија и Албанија ќе имаат и дополнителни придобивки, покрај тоа што ќе го намалат времето на чекање на граничните премини, рече Брнс.
Воспоставувањето зелени ленти и прифаќањето на Заедничкиот акциски план за регионален пазар, заклучи дека се важни чекори на патот кон ЕУ.
– Сите земји од регионот мора да работат заедно, да ги комбинираат своите единствени предности и силни страни за да се реализираат овие цели. Владата на САД гордо ги поддржува напорите на владите на Северна Македонија и Албанија да воспостават заеднички контролни точки на границата, додаде Брнс.
Царинската управа, како што истакна претсавникот Јаноски, постојано е насочена кон развивање на решенија и услуги, со кои се поедноставува и олеснува работата на учесниците во царинската и надворешно-трговската постапка.
– Се создаваат подобри услови како за царинските службеници, така и за другите гранични агенции, кои секојдневно се присутни на граничните премини. Ни претстојат активности за координирано усогласување на барањата, взаемно признавање на документите што ја придружуваат стоката, соработката со царинските органи, Овластен економски оператор, зелени коридори за сите стоки, 24-часовна секојдневна достапност на услугите на граничните служби, како и продолжување со модернизација, зголемување на
безбедноста, ефикасноста и ефективноста во работењето и борба против корупцијата, истакна Јаноски.
Опремата, според амбасадорката на САД во Албанија Ким ќе им овозможи на царсинските службеници да достигнат највисоки стандарди во царинските процедури.
– Алатките и опремата набавена од страна на УСАИД, заедно со тимската работа и тесната соработка меѓу двете страни, ќе им овозможи на царинските власти на Ќафтане – Ќафасан да ги достигнат највисоките стандарди за царинските процедури, овозможувајќи на тој начин поволно бизнис опкружување и безбедносни контроли, рече Ким.
Оливера Миовска, претставник на АМЕРИТ Македонија сообраќај, се заблагодари за соработката на двете царини за воспоставување на проектот, кој, според неа, ќе значи многу за транспортната унија.
– Тоа ќе значи многу за транспортерите. Побрзо поминување на границите, пократки гранични формалности и единствени котроли на едно место со едно застанување. Националните економии зависат од транспортот, тие зависат од меѓународната размена експортот и импортот, увозот и извозот, а сето тоа бара транспорт. Свативме дека транспортот е битна тема на агендите, која треба да се воспостави кај сите влади, истакна Миовска.
Заедничките гранични премини и заедничките контроли значително го намалуваат времето на поминување на стоките преку границите, а нивното воспоставување претставува исклучително важен чекор за подобра подготовка на земјите за економска интеграција во ЕУ. Во таа насока премиерите на Република Северна Македонија Зоран Заев и на Албанија Еди Рама, неодамна во Тирана потпишаа Спогодбата за започнување на заеднички гранични и царински контроли на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане.