Шпанскиот фудбалски гигант Барселона и нејзиниот 34-годишен капитен Лионел Меси ги усогласија условите околу новиот петгодишен договор, кој треба да биде потпишан до крајот на јули, а предвидува Аргентинецот да заработува двојно помалку отколку досега, јавија денеска шпанските медиуми.
Истите извори наведуваат дека со тоа и дефинитивно е ставен крај на сите шпекулации за можно заминување на Меси од екипата на Барселона на која фудбалерот ѝ се приклучи на 13- годишна возраст.
Својата добра волја и разбирањето на тешката финансиска состојба во која се наоѓа неговиот клуб, Меси ја покажа со тоа што се согласи на двојно пониска плата во иднина, наведуваат шпанските медиуми, напоменувајќи, притоа, дека парите никогаш не биле пречка во преговорите.
Според информациите кои протекоа во јавноста претходно оваа година, Меси за последното четиригодишно продолжување на договорот што го потпиша со Барселона во 2017 година, заработил нешто повеќе од 555 милиони евра.