Официјална и историска средба или куртоазно ракување? Дали македонскиот и грчкиот претседател Иванов и Папуљас беа на историска средба како што јавија дел од медиумите, блиски до власта?
На барање на македонските дописници во Атина, од Кабинетот на грчкиот претседател Каролос Папуљас информирале дека во Загреб, завчера, немало никаква официјална средба меѓу грчкиот и македонскиот претседател, туку дошло само до неформална средба на вечерата, за која иницијатор бил Иванов.
Токму заради тоа од Кабинетот на грчкиот претседател изјавиле дека не е лиферувано никакво соопштение.
Грчкиот весник Етнос, пак, пишува дека Папуљас на барањето на Иванов за средба одговорил дека со задоволство ќе се сретнат но, откако ќе се реши прашањето за името.
По написите во медиумите реагираше Кабинетот на Иванов?
Во писмената реакција се вели:
„Претседателот Иванов останува на изјавата дадена вчера во Загреб. Не станува збор за официјална средба, од тие причини не беше лиферувано соопштение од Кабинетот на Претседателот. На новинарско прашање – Дали имал можност да разговара со колегата од Грција, претседателот Иванов даде потврдна изјава. Впрочем, од Кабинетот на грчкиот претседател не демантираат дека имало разговор меѓу двајцата претседатели“.
Но, доколку ја отворите официјалната интернет страница на претседателот на Република Македонија, по изјавата во Загреб има и информација со наслов „Историска средба на претседсателот Иванов со грчкиот претседсател Папуљас во Загреб“, а во текстот е и изјавата на претседателот Иванов во која тој потврдува дека направил историски чекор за Македонија остварувајќи прва средба меѓу претседатели на двете држави и дека разговарале за односите меѓу двете земји, па дури и тоа дека на иницијатива на Иванов е разговарано отворено, како што се вели во соопштението, „како луѓе за нашите две општества, за нашите граѓани и како можеме ние како претседатели да придонесеме да има една поголема соработка меѓу двете општества бидејќи треба да ги следиме добрите односи, добрите трендови кои почнаа да се случуваат меѓу граѓаните на нашите две земји.