Стадо слонови ќе летаат со авион, од животински парк на југот од Велика Британија до Кенија каде што ќе бидат ослободени во дивината. Операцијата е претставена како „прва од ваков вид во светот“ од Фондацијата „Аспинал“.
Фондацијата, чиј директор за комуникации е сопругата на премиерот Борис, Кери Џонсон, има намера следната година да пренесе 13 слона од паркот за диви животни „Хаулетс“, во англискиот округ Кент – до Кенија. Тоа би било лет од 7.000 километри оддалеченост. А пак, вкупната тежина е 25 тони, и тоа, со еден авион. Најмладиот од слоновите, Нгуву е роден во март 2020 година.
„После неколку години проценка на придобивките и опасностите во Фондацијата, се одлучивме за овој невиден проект и оваа вистинска светска премиера“, се вели во изјава на Кери Џонсон и претседателот на здружението – Дејмијан Аспинал, во „Сан“.
Тоа е операција што ќе им овозможи на слоновите да имаат продолжен животен век и подобар живот, бидејќи заробеништвото предизвикува стрес и депресија кај овие животни. Фондацијата истакна дека ќе работи со тимови кои се борат против ловокрадството, за да се обезбеди долгорочно преживување на стадото во Кенија.
„Со текот на времето, ќе има десетици, па и илјадници нивни потомци и тие ќе се сместат во екосистемот, што ќе помогне и да се стимулира кенискиот туризам“, рекоа одговорните, изразувајќи надеж дека ова би било „револуционерна фаза за земјата и движењата за зачувување на природата”.
Фондацијата „Аспинал“ веќе врати во природата некои од животните родени во зоолошките паркови, вклучувајќи тука горили и црни носорози.