Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на државата прифатлива за најголем дел од парламентарните партии

Од:

Македонските парламентарни партии се изјаснија дека ќе ја прифатат Предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ што ги дефинира државните позиции за евроинтеграциите, но и позициите по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет. ВМРО-ДПМЕН бара Резолуцијата да биде со уставното име.

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ вчера имаа средби со дел од своите колеги во Парламентот, а во изјава за медиумите своја поддршка за предлог документот даде и пратеникот и портпарол на СДСМ Коста Костадинов. Предлог резолуцијата ја поддржаа и пратениците од ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го поздрави чекорот на СДСМ и наведе дека резолуцијата ги содржи „националните црвени линии од кои ниту една Влада не смее да отстапи“.

– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија. Покажуваме дека обединети сме посилни, посочи Мицкоски.

Тој им се заблагодари на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција, како и на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат или беа подготвени за разговор.

Пратеникот и портпарол на СДСМ, Коста Костадинов изјави дека тие ќе ја прифатат резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ таква каква што, но дека се уште официјално не ја виделе, бидејќи не е доставена до Собранието.

– Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е, каква што всушност ја видовме од медиумите, затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема, изјави Костадинов на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

ВМРО – ДПМНЕ, согласно Уставот, додаде тој, треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата.

– Избиваат на површина буквално сите лаги што ги пласираа ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и идентитет. Со тоа уште еднаш испраќаме силна порака дека апсолутно македонскиот идентитет и јазик се затворена тема и треба да им биде јасно на сите. Со сигурност нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања и како одговорни политичари имаме обврска да го направиме, рече Костадинов.

Македонскиот идентитет, потенцираше тој, е светост која е повисока и поважна од рејтингот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

– Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграција во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет, рече пратеникот Костадинов.

Пратениците од ДОМ и ЛДП ќе ја прифатат резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ, но потенцираа дека треба да се усогласи со уставното име на државата.

– Текстот на Предлог-резолуцијата генерално за нас е прифатлив. Секако останува овој текст е отворен за дополнување, корекции. Се разбира треба да се усогласи со уставниото име на државата, изјави пратеничката Маја Морачанин од ДОМ. Нејзини очекувања се дека за еден ваков документ би требало да има широк консензус, потсетувајќи дека и политичките партии и граѓаните имаат ист став за идентитетските прашања.

Овој став го дели и пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова.

– Ни беше презентиран истиот текст што вчера беше споделен со медиумите. За нас Предлог-резолуцијата е прифатлива. Имавме забелешки само во делот каде што треба да се усогласи уставното име. Собранието треба да биде обединето околу ова прашање, изјави пратеничката Зајкова.

Демократскиот сојуз смета дека Собранието треба да расправа и да усвои Резолуција за стратешките државни и национални интереси поврзани со евроинтеграциските процеси, се со цел да се упати јасна порака и до Европската унија, но и до соседните држави дека никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот, кој е едно од клучните обележја на секој народ. Партијата инсистира на консензус при носење на Резолуција или Декларација на Собранието.

– За овие прашања потребен е и граѓански и политички консензус, а не тие да бидат причина за внатрешни поделби и собирање на дневно-политички поени. Очекуваме расправа во Парламентот и подобрување на текстот на предложената Резолуција, за таа да биде основа за сплотување, помирување и надминување на внатрешните поделби и конфликти, посочија од партијата.

Резолуцијата се уште не е официјално поднесена во Собранието, но Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски најави дека документот ќе биде доставен до законодавниот дом.

За денеска се најавени и средби на ВМРО-ДПМНЕ со пратеници од блокот партии на Албанците.

Генералниот секретар на Алијансата за Албанците Арбен Таравари во неделата изјави дека партијата се уште нема став за резолуцијата, но најави дека деновиве ќе соопштат дали ќе го поддржат документот.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

A1on

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

A1on

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

Вархеји оптимист во однос на можноста за членство во ЕУ до 2030

Ана Ололовска