Сите најавија одговорност од Нефи Усеини за дивоградбите во Охрид, но две години потоа, одговорност нема. Премиерот Зоран Заев пред две години уверуваше дека Усеини како и останатите мора да ги почитува законите. Сега, шета низ урнатите плажи, но без новинари и камери, во друштво со охридскиот градоначалник Константин Георгиески, без можност да види дека бетонската база и дивоизградената тераса од пицерија кои се на десетина километри оддалеченост и натаму работат. Постапката во Обвинителството за двете дивоградби тапка во место. „А1он“ пред еден месец објави и снимки на кои се гледа како од базата се полнат цистерни. Но, ни тоа не беше повод за општинскиот инспектор за животна средина да провери што се случува на локацијата, да го извести Државниот инспекторат за животна средина.
Ана Петрова, од Државниот инспекторат за животна средина пред неколку месеци била известена од општинскиот инспектор дека базата не работи. Инспекторатот не добил ни пријава дека базата работи. Сега, најавува координиран надзор веќе за денеска. Бетонската база се наоѓа на земјиште сопственост на Исламската верска заедница.
„Страшно во тој случај, значи јас имам лоши информации. Оти ние тогаш, последен пат кога бевме, кога имаше насипување во Далјан, тогаш претставници од МВР посочија дека на локацијата на бетонската база се уште има песок и чакал, како и дека се сомневаат поради тоа дека базата работи во континуитет. Кога отидовме на терен, она што јас го видов не ми укажа дека таму има континуирана активност, а општинските инспектори ме убедуваа. Ние сме за асфалтни бази, а за бетонски бази се општинските инспектори. Инспекторот за животна средина не убедуваше дека тоа е привремена ситуација, а базата е во фаза на отстранување и дека таа нема работа, а служи како складиште на песок и чакал кој се експлоатира од друга локација каде лицето има концесија, а се носи тука за да се носи на друго место. Тоа мене ми го кажаа. Не сум добила пријава, а ќе направиме координиран надзор. Уште денес може да провериме“, вели Петрова за „А1он“.
Премиерот Зоран Заев, а ниту охридскиот градоначалник Константин Георгиески, во кусите видеа кои сами си ги снимија, се пофалија со уривањето на дивоградбите на плажите и спроведувањето на законите. Но ниту еден од нив, не го спомена уривањето на дивоградбите на Усеини. Никој не кажа ниту зошто рушењето кое почна пред парламентарните избори, не продолжи до отстранување на базата. Ниту пак, образложија зошто дозволија свечено отворениот објект кај Чинарот да работи иако е дивоградба.
Предмет за нелегално изградената бетонска база во охридското обвинителство се води од август 2019 година. Предметот е оформен бидејќи обвинителот сметаше дека Усеини сторил кривично дело бесправна градба. По година и девет месец, предметот тапка во место. Последната информација е дека Обвинителството издало наредба за градежно вештачење од Бирото за судски вештачења. Оттогаш наваму, нема никакви промени поврзани со овој случај. Слично е и со објектот кај Чинарот, за кој се води истрага која тапка во место.