Среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките за вчерашниот ден се благо надминати на речиси сите мерни места, освен на мерното место во Гевгелија, информира Министерството за животна средина и просторно планирање.
– При анализа на квалитетот на воздухот се зема предвид и временската прогноза која ја добиваме од УХРМ. Според последниот неформален разговор со УХМР во изминативе денови забележено е движење на топла воздушна маса која носи прекугранична прашина, се претпоставува дека станува збор за пустински ветер и истиот може да продолжи и во наредните денови, информира МЖСПП.
Од Министерството велат дека забележано е надминување на среднодневната концентрација на ПМ 10 честичките и на мерното место во Лазарополе, каде во вообичаени услови нема надминувања.
Во врска со забележаната висока вредност на ПМ 10 суспендираните честички на мерното место Ректорат и Миладиновци, Министерството информира дека е резултат на прекин на напојување со електрична енергија при што настанува прекин во мерењата на сите параметри за квалитет на воздух вклучувајќи ги и мерењата на концентрацијата на ПМ 10 честичките.
– По доаѓањето на електричната енергија мерните инструменти се рестартираат, а појавените високи вредности на измерени концентрации на суспендираните ПМ честички се случуваат поради процесот на стабилизација на инструментот по неговото повторно ставање во функција и се невалидни, се вели во соопштението.
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во тек е консултација со Државниот инспекторат за животна средина за проверка на евентуално други можни извори на загадување.