Екстерното оценување е актуелна тема во многу семејства и тоа СДСМ го користи за да дојде до лесни политички поени за сметка на квалитетот на образованието, реагираше ресорниот министер Спиро Ристовски на барањето на опозициската партија екстерното да биде пробно пет години и да не влијае врз средниот успех на учениците зашто процесот имал голем број технички пропусти.
– Како Влада сме конзистентни. Утврдивме дека оваа година стартува екстерното, се имплементираше и според Министерството за образование и наука тоа е успешно спроведено. Факт е дека имаше извесни технички проблеми кои се отстрануваа во од. Следната година ќе се работи многу поинтензивно за да не ни се повторуваат дел од тие грешки. По однос на предлогот на СДСМ би кажал кратко дека е тоа обид за печалење евтини политички поени, гол популизам, изјави Ристовски по посетата на ФИНКИ, каде што беше отворен Регионален центар за социјални иновации.
На прашање кој е одговорен за случаите на ненавремено пристигнување на тестовите на учениците до Државниот испитен центар, Ристовски одговори дека ќе се проверува од кои причини училиштата не ги пратиле навреме тестовите. Појасни дека ако софтверот не добива никаков податок, тој генерира празен тест и дека по реакциите е направена корекција во неколку училишта каде што имало такви случаи и тестовите се добиени. Најави и дополнителни контроли.
– Не може квалитетот на целокупниот систем, софтверот на екстерното оценување и неговата одржливост да се квалификува зашто некаде некој директор или одговорно лице не ги доставил информациите на време до ДИЦ. Најлесно е во ваква ситуација да се обвинува МОН кога има и други фактори во процесот. Но свесни сме за тоа и сме подготвени да ги дадеме одговорите, пред се кон родителите, за да се смират и да веруваат дека ние немаме намера некое дете да биде оштетено, додаде Ристовски.
На новинарско прашање зошто Државниот универзитет во Тетово десетина дена има табла со натпис само на албански јазик, министерот одговори дека за неколку дена ќе бидат поставени и на македонски и на англиски јазик. Тоа му го потврдил ректорот на ДУТ, зашто трите јазици се утврдени во статутот на универзитетот.
– Врз основа на разговорите со Универзитетот во Тетово, прво била изработена на албански, а сега и таблите на македонски и на англиски. Ректорот не информираше дека нема никаков политички проблем, ниту обид за каква било провокација и дека согласно статутот наскоро ќе бидат поставени натписи на трите јазици, рече министерот за образование и наука.