Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на денешната средба со шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, кој престојуваше во официјална посета на Приштина, побара официјална Атина да ја признае независноста на косовската држава.
Османи преку нејзината страница на Твитер порача дека „воспоставувањето дипломатски односи меѓу Косово и Грција би придонело за развојот на регионот и за одржлив мир“.
– Денеска го примив министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиjас и повторив дека воспоставувањето дипломатски односи меѓу Косово и Грција би придонело за развојот на регионот и за опстоен мир. Очекувам да продолжиме со јакнењето на билатералните односи во наредните години, напиша Османи.
Според соопштението од кабинетот на косовската претседателка, таа на средбата со шефот на грчката дипломтија нагласила дека односите меѓу двете земји се добри и дека „признавањето на Косово од страна на Грција уште повеќе ќе ги продлабочи билатералните и мултилтералните односи на двете држави“.
– Претседателката Османи го нагласи и значењето на вклучувањето на Косово во евроатлантските безбедносни механизми, како и потребата од зголемување на трговската и економската размена и на соработката во сферата на туризмот и културата, се вели во соштението.
Дендиас, како и на претходната средба со шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала-Шварц, го нагласил значењето на продолжувњето на дијалогот меѓу Косово и Србија до постигнување конечен договор. Тој ја изрази поддршката на Атина за европскиот пат на Косово, како и на процесот на визна либерализација на косовските граѓани.