Досега се поднесени 400 приговори од учениците за неправилности во екстерното тестирање. Овој број на приговори како што изјави за А1он портпаролот на МОН Давор Политов се до вчера, додека за денеска сеуште немаат точен број.
Младински образовен форум минатата недела објави анализа која посочува на сериозни технички пропусти во реализацијата, законски недоследности како и прекршувања во екстерното тестирање, и со тоа побараа истото да се прогласи како пилот.
Од МОФ велат дека по објавувањето на можноста за поднесување на приговор за резултатите од екстерното тестирање, секојдневно се контактирани од ученици, родители и професори кои покрај веќе константираните пропусти, јавуваат нови проблеми во неговото спроведување.
Пробивање на тестовите, немање на соодветни списоци на учениците кои требало да полагаат, како и добивање на сосема различни оценки од напишаното, се само дел од пропустите на кои се жалат учениците, родителите и професорите, посочуваат од МОФ, порачувајќи МОН, БРО и ДИЦ да ги земат во предвид овие недостатоци чии резултати може да одат само на штета на учениците.
Политов објасни дека најчестите приговори кои досега ги добиле биле во врска со прашањата кои не се отворале, како и дека учениците имале прашања кои биле од лекции кои професорите не ги предавале. Тој објасни дека доколку Државната испитна комисија ги прифати приговорите тогаш тие прашања нема да се сметаат во конечната оценка.
„Ако на пример ученикот требал да одговори 30 прашања, а едно прашање не му се отворало, неговата оценка ќе биде пресметана од 29 прашања“, објасни Политов.
Темјана Поповска