Искусниот италијански фудбалски стратег, 62-годишниот Лучиано Спалети, е нов тренер на Наполи, објави денеска клупскиот претседател Аурелио Де Лаурентис на својот Твитер профил.
Спалети во периодот од 2009 до 2014 година го предводеше Зенит од Санкт Петерсбург со кој освои две шампионски титули во Русија, пред да се врати во Италија како тренер на Рома во сезоната 2016/17, а потоа на Интер од 2017 до 2019 година.
На клупата на Наполи, во чиј редови настапува македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, искусниот Спалети доаѓа на местото на Џенаро Гатузо, кој на почетокот на оваа недела го напушти клубот и во следната сезона ќе ја предводи Фиорентина.