Во финалниот извештај на албанската парламентарна анкетна комисија се наведува дека е утврдено оти со активноста и изјавите за време на изборната кампања и денот на изборниот молк, претседателот на државата Илир Мета ги прекршил неговите уставни надлежности.
Во извештајот што, по усојувањето од страна на комисијата, го презентираше претседателот на комисијата, социјалистот Алкет Хисени, се наведува дека претседателот Мета го „нарушил уставниот принцип да биде претставник на националното единство“.
Во документот се наведува дека претседателот на Републиката одржува еднострани политички позиции, кршејќи го Уставот за политичка непристрасност.
Хисени кажа дека во своите изјави претседателот Мета ги загрозил и односите со Соединетите Американски Држави и ја нападнал американската амбасадорка Јури Ким.
Тој, се додава понатаму во извештајот, го нарушил угледот на земјата, бил директно вклучен во изборната кампања со напад врз владеачкото мнозинството, што е забрането во Уставот, со што, според Хисени, реториката на претседателот го охрабрувала насилството.
-Претседателот ги заплаши гласачите велејќи дека тој самиот ќе им ја пресече раката, упатуваше воени повици… Ова поттикнување на насилство ја принуди американската амбасадорка да апелира до претседателот да ја запре оваа кампања. Наместо да биде неутрален, тој јасно покажа пристрасност кон опозицијата. Претседателот почна да дели лекции за демократија, кои ги нема никаде, рече меѓу другото Хисени, презентрајќи го извештајот.
Извешатајот ќе биде доставен до парламентот, а според најавите на дневен ред на пленарна седница на законодавниот дом треба да се најде на 10 јуни.
Според него, однесувањето на претседателот треба да се дефинира како балансна улога во политичкиот живот на земјата и не треба да е вклучено во дневната политичка игра.
-Шефот на државата не треба да поддржува одредени сили или да се спротивставува на различни политички сили. Претседателот водеше кампања против владеачката партија со целата своја институционална моќ. Дури и ОДИХР пишува дека Мета одржува критички и цврст однос со владата со директно влијание врз изборите со неговите конфронтативни и жешки тонови. Тој водеше кампања против владејачката партија, посочи тој.
Цитирајќи го Уставот, Хисени рече дека претседателот на Републиката, не може да извршува никакви други јавни функции, не може да биде член на партија или да извршува друга приватна активност.
-Претседателот на Републиката не може да врши други овластувања, освен за оние кои се јасно предвидени со Уставот и кои му се дадени со закони издадени во согласност со него, рече Хисени, ставајќи до занење дека Мета се наоѓа пред разрешување.
По предлог на пратениците од владејачкото мнозинство анкетната комисија парламентот ја формира на 7 мај со 97 гласови „за“, меѓу кои и пратеници од опозицијата. За разрешување на Мета потребни се 94 гласови. Сепак Уставниот суд ќе го има последниот збор за разрешувањето или не на претседателот Илир Мета.