На 10 јули започнува судскиот процес против Алил Демири и Африм Исмаиловиќ во Приштина за нелегално поседување оружје, обвинети во Македонија за ликвидацијата кај Смилковското езеро. Нивниот адвокат Бесник Бериша за А1 Он потврди дека двајцата обвинети ќе се појават во судница и ќе имаат одбрана.
Неизвесно е како ќе ги казни судот во Приштина, но за тоа дело е предвидена затворска казна. Дури откако тамошниот суд ќе ги осуди, тогаш ќе може косовското министерство за правда да одговори на македонското барање за нивна екстрадиција и соочување со судот во Скопје за петкратното убиство од Велигден минатата година.
Иако министерот за правда на Косово преку медиумите објави дека Демири и Исмаиловиќ имаат косовско државјанство, а таа држава не испорачува свои државјани, сепак македонскиот министер за правда Блерим Беџети уверува дека токму судскиот процес во Приштина е причината за молкот на официјална Приштина за екстрадицијата. Дали ќе има екстрадиција ќе се знае за неколку седмици по завршување на судскиот процес.
Дали приштинските власти ќе дозволат двајцата да ја издржуваат казната во Скопје и да се појавуваат на судењето „Монструм“, како една од опцииите, или ќе ги остават до крајот на казната на Косово, што би значело и неколку години нивно отсуство од Македонија. Друга опција е, која е поверојатна тие да останат таму и по истекот на казната за нелегалното оружје доколку министерството во Приштина остане доследно дека не испорачува свои државјани.
Во Скопје пак, задутре продолжува судскиот процес за другите четворица обвинети кои се достапни за судот. Се уште се испрашуваат сведоци и се заведуваат докази.