Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денес во Струмица официјално го пушти во употреба и го предаде на користење најновиот терен со вештачка трева (без полнење со вештачка гума) наменет за ФК Академија Пандев.
Проектот за целосна изградба на теренот со вештачка трева чини 280.000 евра, а нашата федерација средствата ги обезбеди преку Хет-трик програмата на УЕФА.
– За Фудбалската федерација на Македонија денот како денешниот кога отвораме нови фудбалски терени секогаш се посебни и значајни. Овој терен е првиот со најмодерна вештачка трева во Македонија, без гранули и во вредност од 280 илјади евра како помош од ФФМ и УЕФА за фудбалскиот регион од кој секогаш произлегуваат македонски фудбалски репрезентативци. Исклучително ни е важно што докажавме дека ФФМ е способна да реализира важни проекти за македонскиот фудбал, од изградба на инфраструктура до обезбедување услови за најдобрата репрезентација за пласман на големи натпреварувања. Сакаме да им помогнеме на сите, нашата цел е да направиме заеднички напори и вложувања со клубовите и општините, а сето она што се работи во европските фудбалски центри, мора да се направи и во Македонија, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
На официјалното отворање на теренот за Академија Пандев беа присутни и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски и претставникот на Академија Пандев, Мартин Алаѓозовски.