Насилствата меѓу Евреите и Палестинците, кои веќе трет ден ескалираат поради упадот на израелските сили во џамијата Ал-Акса во Ерусалим и судирите кои уследија, денеска уште повеќе се разгореа откако движењето Хамас истрела повеќе ракети од појасот Газа кон предградие на градот. Ова е прв напад на Хамас врз Ерусалим од 2014 година.
Израелски воени авиони веднаш извршија одмазднички напад врз Газа, а според тамошните здравствени власти, деветмина луѓе загинале во воздушниот напад врз градот Беит Ханун.
Ракетната стрелна врз Ерусалим ги принуди израелските власти да наредат евакуација на одредени области во Ерусалим, а меѓу евакуираните се и парламентарците, кои морале да ја прекинат седницата на Кнесетот, откако се слушнале сирените за воздушна опасност.
Евакуирани се и стотици еврејски верници од Западниот ѕид, а сирените и детонациите ги принудија и повеќето други жители на градот да бараат засолниште.
Засега нема информации за повредени или загинати во нападот на Хамас. Властите соопштија дека е погодена една куќа во предградие на Ерусалим, но дека немало жртви и ранети.