Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави оти не мисли дека Северна Македонија и Албанија ќе бидат раздовени на патот кон ЕУ уште еден период, оти тоа е погрешна дебата, како и дека не треба да се откажеме од можноста да се одржи меѓувладината конференција во јуни и да почнеме со разговори и со евентуална техничка влада во Бугарија за да се изнајде техничко решение, за што веќе има политичка одлука.
-Мислам дека во овој период нема да имаме одвојување, според тоа што јас го знам и го следам. Но тоа не значи дека нашата европска перспектива треба да ја засновуваме на внатрешната динамика и перспектива на Албанија. Ние си имаме наш план и стратегија пред нас и таа треба да ја реализираме, рече Османи.
Дали ние долго ќе останеме во тој процес, доколку двете држави бидат одвоени, шефот на дипломатијата вели дека ќе зависи од тоа дали сите земји – членки ќе дадат поддршка на почетокот на преговорите, дали Бугарија ќе го тргне ветото.
-Ова исклучиво зависи од тоа дали Бугарија ќе даде согласност на преговарачката рамка и на одржување на првата меѓувладина конференција без да има каква било корелација со тоа кој е патот на Албанија. Се разбира дека ние сакаме двете држави да почнат одеднаш, ќе се дава нова динамика на регионот, посебно со овие нон пејпери кои се шират, меѓутоа мислам дека не зависи нашата европска перспектива воопшто од тоа дали сме во пакет или не сме. Јас мислам дека ќе останеме во пакет уште еден период, рече Османи.
Според него, погрешна е дебатата што се насочува во јавноста и ова не е прашање дали Албанија ќе ги почне преговорите или не, тоа е е прашање на Албанија.
-Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите сметајќи дека сме ги исполниле сите критериуми дури и сме ги надминале, во поглед на политичките, во поглед на економските и во поглед на транспонирањето на евроското законодавство. И затоа во мојот говор реков дека овој ѕид за започнување на преговори не само што стана симбол на нашите европски аспирации, стана тест на кредибилитетот на ЕУ, изјави денеска Османи по настанот организиран во пресрет на Денот на Европа.
Очите на јавноста во регионот, на нашите граѓани, како што потенцираше, се на овој тест, на овој ѕид пред којшто е ставена Република Северна Македонија.
-Ние ќе продолжиме да работиме за започнување преговори, да ја искористиме шансата во јуни којашто се нуди пред нас. Мислам дека дебатата одвојување е погрешна, малите држави треба да се засновуваат на принципи и вредности, а не на тактики и на стратегии, рече Османи.
Шефот на дипломатијата потенцираше дека проширувањето се засновува на принципот регата односно дека секоја земја се движи кон целта со динамиката што сама си ја наметнува.
-Дали Северна Македонија не треба да ги почне преговорите, тоа е прашањето. За тоа очите на јавноста во регионот се вперени кон нас, од Косово, Србија, Босна, Црна Гора, кои гледаат на нас како тест за веродостојноста на овој процес на проширување, рече тој. Тие, според него, гледаат како ЕУ ќе одговори на нашата „нетипична приказна“ во исполнување на критериумите и надминување на проблеми на Балканот на европски начини кои не се типични за другите држави.