Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседава министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната седница одлучила на семејството Белчовски, чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, да им биде доделен на користење стан во општина Струмица, информира министерот преку својот фејсбук-статус.
– Имајќи ја предвид бескрајната хуманост на семејството Белчовски чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, како скромно оддолжување кон ова семејство, денеска на седница на Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседавам, едногласно одлучивме да им биде доделен на користење стан во општина Струмица, стои во статусот на министерот.
Бочварски додава оти семејството Белчовски „ги поместило вредностите во општеството“, како и дека „граѓаните на Република Северна Македонија бескрајно им се благодарни за највисокиот чин на хуманост“.