Договорените проекти на нашиот Архив и бугарскиот во застој поради пандемијата

Од:

Државниот архив на Република Северна Македонија и државната агенција „Архиви“ на Република Бугарија заедно ќе објават збирка документи и писма на некои историски значајни личности од илинденскиот период што ги поседуваат, меѓу кои и од Гоце Делчев од кого нашиот Архив има 33 оригинални писма. Во план е и уште еден заеднички проект – објавување збирка значајни историски фотографии за Балканот од крајот на 19 почетокот на 20 век.

Директорот на нашиот Државен архив Емил Крстески во допис до медиумите соопшти дека за двата проекта усно се согласиле со директорот на сродната институција во Бугарија, Михаил Груев, во декември 2019, кога во Софија го обновиле договорот за соработка, но вели дека нивната реализација е одложена поради пандемијата и, најверојатно, ќе почне да се спроведува идната година.

– Пред извесно време се слушнав со колегата Груев и уште еднаш заеднички ја потврдивме нашата желба и намера да се реализираат овие проекти во подобри здравствени услови, зашто навистина станува збор за значајни историски документи, но за нивна реализација е неопходна директна комуникација на стручни лица, кои во меѓувреме ќе ја отпочнат електронската преписка. Според сегашните здравствени и безбедносни услови во светот, не очекувам реализацијата на овие два проекта да се случи набрзо, туку, најверојатно, во текот на наредната година, наведува Крстески.

Додава дека на средбата пред година и пол му ја предложил идејата на неговиот бугарски колега Груев, кој, како што вели, ја прифатил безрезервно и со одушевеност.

– За реализација на овие два проекта беше договорено да се направат две мали оперативни експертски групи кои ќе ги селектираат оригиналните документи и фотографии и ќе дадат свои коментари на македонски и на бугарски јазик, и кои треба да бидат во постојан контакт. Набрзо по мојот престој во Софија, за жал, се појави ковид-пандемијата и значително ја забави реализацијата на проектите, кои се навистина сериозни и не можат да се реализираат само преку зум-состаноци или преку други виртуелни контакти, додава директорот на Државниот архив.

Би можело да ве интересира

Ден на архивите и на архивистите

Ана Ололовска

Одбележани 70 години од постоењето на Државниот архив – чувар на нашата историја, култура, јазик и традиција

Државниот архив со свои изданија ќе учествува на 32. Саем на книгата

Ана Ололовска

Одбележување на Меѓународниот ден на архивите

Ана Ололовска

Државниот архив одбележува 69 години од формирањето

Ана Ололовска

Дисциплинска против вработен во Државниот архив, ненамерно додал три нули во јавна набавка на кетеринг

Маја Илиевска-Пачемска