Одбележани 70 години од постоењето на Државниот архив – чувар на нашата историја, култура, јазик и традиција

Од:

Државниот архив е темел на нашиот идентитет, сведок на нашата историја, култура и традиција и несомнено има значајна улога пред се како чувар на нашата колективна меморија и национални вредности. Тој е историско научен храм кој претставува своевиден мост меѓу минатото и иднината, но и чувар на нашата историја и светилник за нашата иднина, порачаа говорниците на свечената академија со чие одржување денеска во Скопје беа одбележани 70 години од основањето на Архивот.

Премиерот Зоран Заев, кој е покровител на академијата, во обраќањето пред присутните го потенцира значењето на Државниот архив како битна историска, научна и културна инситуција, која е чувар на нашата историја, култура, јазик и традиција, што, како што потенцира, се едни од главните столбови на нашиот национален идентитет.

-Оваа институција е темел на нашиот идентитет, сведок на нашата историја култура и традиција и несомнено има значајна улога, пред се, како чувар на нашата колективна меморија и национални вредности, рече премиерот Заев.

Државниот архив, потенцира тој, е историско научен храм, кој претставува своевиден мост меѓу минатото и иднината.

-Држaвниот архив е еден од столбовите на нашиот идентитет и наша афирмација на меѓународен план. Обврската кон идните поколенија за безусловно чување на историјата и нашето национално богатство паѓа на плеќите токму на Државниот архив, рече Заев.

Директорот на Државниот архив, Емил Крстевски во своето излагање истакна дека оваа институција во изминатите 70 години се градела како значајна државна институција и е трезор на оригинални документи, писма, фотографии, и други материјали од познати револуционери, илинденци, просветители и писатели, уметници, општествени дејци, како и документи од најзначајните политичко историски процеси, настани и личности за нашата земја.

-Во сите изминати години очигледен е постојаниот раст на Државниот архив кој добива свој европски лик со прифаќањето на европските начела и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот закон за архивска дејност, како и со спроведувањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и материјали, истакна Крстевски додавајќи дека Архивот е чувар на нашето минато нашата историја и светилник за нашата иднина.

Според Крстевски, помнењето е нашата поврзаност, нашиот разум, наша свест и тело и без него сме ништо.

На свечениот собир по повод јубилејот беа промовирани монографијата „Печат на времето-70 години Државен архив (1951-2021)“ во која е презентиран историскиот развој на Државниот архив преку фотографии и документи за најзначајните настани со кои располага Архивот, како и зборникот „Првите луѓе на Државниот архив (1951-202)“.

По завршувањето на официјалниот дел од свеченоста, гостите имаа можност да ја погледнат изложбата „Скопската градска општина“ посветена на градоначалниците на Скопје од 1945 година до денес.

На 20 вработени или пензионирани лица за значаен придонес во работењето на Државниот архив денеска им беа доделени благодарници.

На свечениот собир, меѓудругите, присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, архиепископот г.г.Стефан, пратеници, министри, градоначалнци, претставници на дипломатскиот кор, историчари и експерти.

Би можело да ве интересира

Договорените проекти на нашиот Архив и бугарскиот во застој поради пандемијата

Ана Ололовска

Државниот архив со свои изданија ќе учествува на 32. Саем на книгата

Ана Ололовска

Одбележување на Меѓународниот ден на архивите

Ана Ололовска

Државниот архив одбележува 69 години од формирањето

Ана Ололовска

Дисциплинска против вработен во Државниот архив, ненамерно додал три нули во јавна набавка на кетеринг

Маја Илиевска-Пачемска

Државен архив: Обинувањата за милионскиот износ за кетеринг не се точни, се работи за грешка направена од службеник

А1он