Денеска трендот на намалување на наталитетот може да се сретне во сите развиени земји во светот, тој преставува еден вид на глобален проблем. Експертите посочуваат на низа фактори поради кои денес се раѓаат помалку деца отколку во минатото – oбразование, економски развој, урбанизација, контрацепција, улогата на жената во општеството…
Следствено на овој тренд државите си имаат развиено сопствена стратегиија за потикнување на наталитетот на своето тло- некои успешно, некои неуспешно. За позитвни ефекти треба да ја проучиме Скандинавија, примерите на Данска и Шведска, а тука е се разбира и Франција, каде ферталитетот е во пораст последните десет години.
Клучната разлика меѓу нивните и нашите мерки е социјалниот пристап и политиките за вработувањето на мајката (имено една студија во Данска покажала колку се зголемува приходот кај мајката, толку се зголемува и бројот на децата).
Тоа е веројатно клучната промена што треба и ние да ја направиме – да го смениме социјалниот пристап и политиките за вработувањето на мајката и да ја подобриме социјалната состојба на семејството.
Шведска – татковците на породилно, мајките на работа
Учеството на шведските татковци во секојдневниот живот на семејството и домаќинството е одговорно за највисокиот процент на работно активни жени во Европската унија, но исто така и за високиот наталитет во Шведска, покажуваат истражувањата. Шведска породилно/родителско отсуство има воведено за двата родители уште во 1974 година, а отсуството трае 16 месеци. Значи таткото е должен барем 2 месеци од ова зедничко породилно отстуство да ги посвети на своето новородено дете.
Во Шведска децата со наполнета една година можат да одат во градинка за скромна сума, бидејќи државата оценила дека за неа е премногу скапо да задржи половина од населението надвор од процесот на трудот. Не станува збор за тоа дека мажите треба да седат дома, туку дека жените треба да се вклучени во светот на работата.
Затоа, Шведска се обидува да ги олесни сите процеси за да децата бидат добро згрижени, додека нивните родители работат.
Шведска со употребата на отсуството за двата родители ги стимулира економските мерки, па родителите кои решаваат подеднакво да го поделат остуството, примаат секој по 120 евра месечно повеќе од другите. Значи во Шведска акценот е ставен на вработувањето на мајката и на што побрзото нејзино враќање во трудовиот процес.
А кај нас? Кај нас мајките немаат ваква грижа за што побрзо да се вратат на работа, бидејќи ретко која мајка е вработена. Денеска жените кои се вработени во Македонија, често се пријавуват на 3 или 6 месеци и се плашат дека кога ќе останат бремени нема да им биде продолжен договорот за работа. Исто така тие треба да имаат 6 месеци стаж без прекин, за да имаат право на трудничко боледување. Последиците од овој закон сам по себе носи страв од планирањето на семејството.
Секојдневно сведочиме на приказни за млади жени кои остануваат без работа бидејќи решиле да родат, дека првото прашање што им се поставува од работодавците кога одат на интервју е дали имаат деца или кога планираат да родат. Мајките, пак, кои се на породилно отсуство, секојдневно ја проверуваат сметката случајно да не им стигнале парите кои доцнат и по неколку месеци.
Имено во Македонија околу 35,3 отсто од жените се вработени што е далеку помалку од во ЕУ, каде 59 отсто од жените се вработени. Денеска жените на некој начин се принудени да бираат меѓу работата и семјеството. Ако останат бремени, често се случува да ја изгубат работата (иако тоа е назаконски, но никој не води грижа за тоа).
За да има што повеќе жени на пазарот на трудот потребно е да се направи баланс меѓу професионалниот и приватниот живот на жените, поддршка од семејството, работодавачите и државата, нешто што во Македонија го нема.
Данска – помош за студентите родители
Системот за социјалната грижа и безбедност во Данска, како и во другите земји од Европската унија, вклучува бесплатна медицинска помош, поддршка за долгорочна невработеност, грижа за бремените жени и придобивки за грижата на децата.
Во Данска, студентите кои студираат редовно можат да живеат во и надвор од брак и да имаат деца. Што е сосема различно од традиционалните семејни вредности кои ги наметнува нашата влада. Кога една моја роднина поднесуваше барање за парична помош после третото родено дете, таа мораше да докажува дека е во брак (да не е разведена) и дека децата и’ се од ист татко (не дај Боже да имаш повеќе од еден сопруг- тогаш не се вклопуваш во традиционалната замисла на Владата).
Владата на Данска ги потикнува младите да почнат да го планираат своето смејство, без разлика дали тие ќе се одлучат да стапат во брак или не, па на редовните студентите им дава редовна петгодишна поддршка, а студентите-родители можат да добијат дополнителна поддршка од Владата во време од 12 месеци – по 6 месеци за мајката и 6 месеци за таткото. Овој систем го поттикнува не само образованието, туку и наталитетот.
Франција – евтини градинки
Властите во Париз ги фаворизираат семејствата. Кога жената заминува на породилно отсуство, добива месечен надоместок од државата и гаранции од работодавачот дека нејзиното место ќе ја чека кога ќе се врати на работа. Според француските закони, мајката може воопшто да не работи сé додека нејзиното дете не наполни три години, а долг период тие работат само половина работно време.
Покрај тоа месечните трошоци за детската градинка целосно можат да се покријат со надоместокот што се добива од државата.
Во Македонија, откако мајките ќе родат деца тешко им е да се вратат во работниот процес, бидејќи се случува да нема на кого да ги остават децата. Тоа не е така бидејќи градинките се прескапи- туку едноставно нема доволно. Не знам за другите градови, но во Куманово има 3-4 градинки со веќе преполнет капацитет и со долга листа на чекање на прием на децата.
Во ваквата ситуација мајката останува дома, а грижата за заработката паѓа на грбот на таткото. А во семејство со една плата, тешко е да размислувате за повеќе деца.
Кај нас системот е: „Или кариера или деца“.
Во Франција не е така. Тука државата ги охрабрува мајките да работат. Ти имаат 36 слободни дена што ги плаќа државата.
Државата им дава големи даночни олеснувања на семејствата со повеќе деца. Тие добиваат попусти за јавниот транспорт и државата ги плаќа сите трошоци за нега на децата до тригодишна возраст.
Да учиме од успешните примиери
Зошто нашата Влада е глува и слепа на овие истражувања и успешни примери? Зарем не сфати до сега дека нејзините мерки не се соодветни и дека нејзините кампањи не вложуваат со плод? Зарем е премногу горда да ја преземе лекцијата од другите земји и тврдоглаво и упорно се обидува да напише своја приказна, која очигледно е неуспешна?
Во Македонија, државата дава надомест во висина од 50 проценти од просечната плата (околу 8.000 денари) во текот на десет години за секое трето родено дете, и за вработените и за невработените. А, што после 10-та година, кога детето ќе тргне на училиште и ќе бидат потребни пари за неговото образование- е тогаш родителите се оставени самите на себе. Исто така секоја мајка што ќе роди четири деца, со навршени 62 години ќе оствари право на пензија, ако не остварила право на пензија по друг основ (ако успее да доживее 62 години, бидејќи животниот век во Македонија сé повеќе се намалува).
Мерките кои ги има воведено македонската влада се фокусираат само на зголемување на приходите за некој одреден период, а не водат грижа за подобрување на сопфатната ситуација на родителите и децата во македонското општество. Ова наликува како на субвенционирање на семејството, небаре сме некое стадо, кое само треба да се зголеми и ништо повеќе.
Преку еманципација на жената и нејзина реинтеграција на пазарот на труд ќе се подобри фертилитетот во земјава и ќе се поттикне зголемувањето на демографијата, а унапредувањето на еднаквоста на жените и мажите ќе го постигне посакуваното зголемување на наталитетот- тоа го докажуваат и примерите од земјите на Европската Унија каде жените се подеднакво присутни на пазарот на трудот и каде се забележани највисоки стапки на фертилитет.
Постојат многу истражувања кои покажуваат дека во развиените земји демографските политики се најуспешни кога на централно место е ставено унапредувањето на правата на жените, а дека наспроти ова мерките во кои централно место заземаат традиционални семејни вредности, како долги породилни отсуства и субвенции за многудетност, не ги даваат посакуваните резултати. Зошто да не учиме од успешните примери?
Автор: Елена Павловска
Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“