Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вечерва во Белград ја започна својата посета на земјите на Западен Балкан каде ја донесе првата донација на ЕУ од 1.170 вакцини на Фајзер/Бионтек.
Како што беше најавено претходно во Виена, по Србија, Црна Гора ќе добие 2.340 дози вакцини на Фајзер, потоа Босна и Херцеговина – 10.530, а Северна Македонија, Косово и Албанија ќе добијат по 4.680 дози.
До август, како што беше најавено, земјите од Западен Балкан ќе добијат вкупно 651.000 дози вакцини од колективната набавка на ЕУ.
Најголем број вакцини ќе добие БиХ – 214.000, потоа Албанија – 145.000, Македонија – 119.000, Косово – 95.000, Црна Гора = 42.000 и Србија- 36.000.
Координацијата за дистрибуција на вакцините донирани на Балканот ја презеде Австрија. Во таа насока, шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, во вторник ќе отпатува за Сараево, заедно со европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји.
Со донацијата на вакцини, ЕУ, како што е објаснето, сака да му покаже на регионот дека не е оставен на цедило во борбата против коронавирусот.
-Во пандемија правилото е – Никој не е безбеден пред тоа да бидат сите. Немаме ништо од тоа ако во Австрија наскоро ги вакцинираме сите кои тоа го сакаат, а да во нашето непосредно соседство нема вакцини, изјави Шаленберг.
Австрија, по налог на ЕУ, купи вакцини за Западен Балкан, а парите на земјата ќе ѝ бидат рефундирани од Брисел.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерката за евроинтеграции на Србија, Јадранка Јоксимовиќ, го посетија Институтот за јавно здравје на Србија-Батут, по повод донацијата на ЕУ од 1.170 вакцини Фајзер на Србија.
Јоксимовиќ посочи дека Србија се согласила на помал број вакцини отколку што барала затоа што на земјите од регионот тие им се потребни да го вакцинираат медицински персонал.
Комесарот Вархеји истакна дека ЕУ го поддржува регионот уште од почетокот на пандемијата, пред се финансиски, а сега и во форма на дози на вакцини.
-Време е да и се заблагодариме на Србија не само за успешната вакцинација, туку и за тоа што не го заборави регионот во кој испрати 100.000 дози. Сега останува на нас да ја вратиме услугата и да и дадеме на Србија дел од тие вакцини, изјави Вархеји, повикувајќи ги српските граѓани побрзо да се вакцинираат за пандемијата повеќе да не ги загрозува животите и економијата.
Вархеји посочи дека овие вакцини се донирани на иницијатива на Австрија и оти тие не се дел од Ковакс, преку кој на регионот ќе му бидат обезбедени нови милион дози.