Три златни и по еден сребрен и бронзен медал освоија македонските атлетичари на силниот Меѓународен митинг Бар 2021 на кој учествуваа преку 300 натпреварувачи од десет држави.
Во лоши временски услови проследени со силен ветер и дожд, најдобри резултати во своите категории и златен медал освоија Гала Урдаревска во скок во далечина со резултат 5,29 метри, Брајан Авија во фрлање ѓуле со резултат 10,50 метри и Давид Блажевски во трката на 300 метри со резултат 42.57 секунди.
Со сребрен медал се закити Ана Божиновска во трката на 400 метри со резултат 1.01.6 минута, додека Јумха Фетаху ја освои бронзата во дисциплината фрлање ѓуле со резултат 9,90 метри.
Македонскиот состав во кој се десет атлетичари и атлетичарки денеска во Бар ги завршуваат еднонеделните подготовки за претстојното Европско првенства во фрлачки дисциплини, кое ќе се одржи на 8 и 9 мај во Сплит, како и Европското екипно првенство закажано за 19 и 20 јуни во Лимасол.