Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска во Владата ги примија инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Цветко Ристески, Џелал Максути и Александра Котели.
На средбата, како што соопшти владината Прес-служба, претставниците на ДПИ изразија задоволство од подобрувањето на условите во кои работат оперативците во Државниот пазарен инспекторат од 2017 година, за што како што беше речено ја имаат поддршката од Владата и го запознаа премиерот Заев со структурата на вработените и материјално-техничките услови во кои работи Инспекторатот.
– Од граѓаните добивме мандат од 2017 година, а потоа и уште една доверба на изборите во 2020 година, за да создадеме подобар правен систем, во кој ќе се почитуваат правата и обврските на сите граѓани. Се обврзавме да го јакнеме капацитетот на институциите и преземавме обврска да го решиме децениското прашање за распоредување на административни службеници преку К-5 програмата, рече премиерот Заев додавајќи дека ја разбира солидарната поддршка на колегите кон директорот на ДПИ, Стојко Пауновски и нивната петиција против негово разрешување.
Премиерот Заев нагласи дека тој е секогаш отворен за комуникација и сите отворени прашања да се решаваат преку меѓусебни разговори и донесување институционални и законски решенија, подвлекувајќи дека е недозволиво проблемите, доколку постојат, да се решаваат преку медиумите. Премиерот Заев и вицепремиерот Николовски ги уверија присутните дека за нивните образложенија ќе бидат информирани министрите на денешната владина седница, а за натамошните одлуки на Владата ќе биде информирана јавноста.
– На средбата, премиерот Заев и вицепремиерот Николовски посебно ја истакнаа важноста и оправданоста од спроведувањето на владината одлука за распоредување вработени според програмата за правична застапеност, како и обврската на раководните лица во институциите да обезбедат усогласување на актите за систематизација на работните места согласно Законот за преземање на административни службеници во рок од 30 дена од усвојувањето на Планот за преземање што беше прифатен од 237 институции, се вели во соопштението од Владата.