Медиумската заедница нема да прифати ваков предлог закон за медиуми, доколку не се вметнат препораките на Советот на Европа и ОБСЕ.
Министерството за информатичко општество ги игнорира препораките на експертите, кои инсистираат да нема единствен регулаторен систем за сите медиуми, но заедницата е незадоволна што МИОА не прифатило ниту една суштинска забелешка за законот.
ЗНМ, ССНМ, МИМ и Центарот за развој на медиуми писмено ги информираа министрите Ивановски и Бесими дека нема да поддржат законот, бидејќи во клучните елементи за составот, независноста и транспарентноста на регулаторот, како за прашањето за независноста на државната МТВ не се направени никакви измени според нивните забелешки.
Како што се наведува во нивното обраќање до министрите Ивановски и Бесими, загрижува и фактот што во новиот закон, МИОА не нуди решение за владините кампањи, кои го нарушуваат медиумскиот пазар, и ѝ обезбедуваат на власта можност да влијае на уредувачката политика на медиумите.
Според нив, нацрт-текст воопшто не ги адресира проблемите во медиумската сфера, или ги адресира, само мал дел од нив.
– Би сакале да потсетиме дека за подобрување на медиумскиот амбиент во Македонија е потребно и подобрување на правната рамка надвор од медиумската легислатива, која непосредно и посредно влијае на сегашните состојби во медиумите.
– Тука, освен делот на транспарентност во финансирањето на медиумите, пред се, како клучни проблематични области, би ги издвоиле (не)почитувањето на Законот за работни односи и отпочнување на суштински преговори помеѓу работодавачите и медиумските работници за прецизно дефинирање меѓусебните обврски и права, измени на Изборниот законик со што ќе се оневозможи медиумите да бидат донатори во кампањите на политичките партии – се вели во писмото.
Медиумската заедница објаснува дека новата верзија на законот не е во согласност со Уставот на РМ и европските стандарди, кои гарантираат слобода на изразување.
Петар Клинчарски