Јагнешкото ретко и скапо пред Велигден, традиционално поскапеа и пазарите

Од:

Во пресрет на Велигден, традиционално цените на зелените пазари се повисоки, а тешко се стигнува и до јагнешко. Причина за недостигот е тоа што поголемиот дел од македонските јагниња се најдоа на европскиот пазар пред Велигден според Грегоријанскиот календар. Цените на пазарите, пак, според производителите, се повисоки поради поскапите суровини.

– Моментално тешко се доаѓа до јагнешко месо. Главно, јагнињата се извезоа за католички Велигден, дома остана многу малку, а цените се во пораст. Од 290 до 320 денари, сега цената стигна до 350 за килограм јагнешко. Така е со јагнешкото, додека цената на свинското месо се намали поради помалата побарувачка, а јунешкото има статус-кво цена, изјави Тони Павлески, претставник на кланичната индустрија.

Според Слободан Ѓорѓиески, пазарџија на прилепскиот пазар, набавните цени се зголемени за над 20 проценти.

– Набавните цени се повисоки за 20-тина проценти. Не знам што е. Ама ако се погледнат нивите, голем дел останаа необработени. Увозот на краставици од Албанија во старт е 75 денари, продажната цена е минимум 80 денари за килограм. А домашните имаат набавна цена од 110 денари. Како што стојат работите, ова ќе продолжи и по празниците, вели Ѓорѓиески.

Прилепскиот производител на градинарски култури Слободан Калајџиоски смета дека цените не се високи, туку високи се цените на суровините.

– Семенскиот материјал и ѓубривата двојно поскапеа. Семето не е на кило, туку сега се купува според зрно семки за градинарските култури. И ѓубривата се многу поскапени, вели Калајџиоски.

Од прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“ велат дека високи се цените на суровото масло на светските берзи и затоа се зголемени и малопродажните цени на маслото.

– Суровото масло на светските берзи уште од 2020 година нагло ги зголеми цените. Од август лани до март годинава, цената на суровото масло порасна речиси двојно. За споредба, од првиот квартал лани до првиот квартал годинава, цената на суровото масло порасна за преку 35 проценти. Настојуваме да испорачаме квалитетни производи, но таа ситуација ги крена малопродажните цени. Се обидуваме да држиме под контрола. Нема вештачки цени, туку сѐ е последица од цените на светските берзи, истакнува Орде Ѓорѓиоски, директор на правниот сектор во „Витаминка“.

Според Сојузот на синдикатите на Македонија, 42 проценти од месечната плата се троши на храна и на пијалаци.

Би можело да ве интересира

АХВ донесе забрана за увоз и употреба на желудник од живина во производството на подготовки од месо

Горан Наумовски

Царинска управа: Спречен шверц на два тона месо штетно за здравјето на граѓаните

Спречен шверц на месо опасно за здравјето – Камион на грчка фирма носел четири тони месо од дивеч во Македонија

Месопреработувачите бараат намалување на царините и ист третман со увозните компании

Затворски казни за обвинетите од предметот со коњско месо во Франција

Бараат увоз на смрзнато свинско месо без царина за да се намали цената на домашните месни производи за 10 – 15 %

Маја Илиевска-Пачемска