Основачот на Мегааплауд (Megaupoad) Ким Дотком денеска ја осуди одлуката на холандската компанија Лиз веб (LeasWeb) да избрише милиони фајлови, закачени од корисниците на веќе затворениот негов сајт, пренесе ДПА.
Дотком тоа го оцени како „најголемото масовно убиство на податоци во историјата на интернет“.
-Тоа е тажен ден за виртуалната мрежа. Толку жалам што податоците на корисниците на Мегааплауд во Европа сега се неповратно загубени. Ми се плаче, напиша на Твитер
Германецот кој живее на Нов Зеланд, а чие родено име е Ким Шмиц. Од холандската фирма, меѓутоа, ја бранат својата одлука со аргументот дека не можат до бескрај да ги чуваат фајловите на своите сервери, најмени претходно од Мегааплауд, додека правосудството во САД да се одлучи дали Ким Дотком ги прекршил авторските права.
Американските власти во јануари минатата година го затворија сајтот на Дотком, што беше масовно користен за споделување филмови и музика. САД побараа од Нов Зеланд да им го предаде создавачот на Мегааплауд и уште тројца негови соработници.
Во моментов четворицата се на слобода под гаранции и во очекување на одлуката на новозеландското правосудство за тоа дали да бидат екстрадирани во САД.
Ким Дотком тврди дека на серверите на холандската фирма чувал и лични фајлови, кои требало да ги обезбедат одлучувачките докази за неговата одбрана против покренатите обвиненија во САД.
Од Лиз веб, меѓутоа, одговорија дека Дотком запрел да им плаќа наемнина за серверите и цела година не пројавил интерес за складираните податоци.