Македонските иноватори се наградуваат со честитка и морална поддршка

Од:

Освен честитки и бодрење да продолжат да творат, македонските иноватори за своите пронајдоци не добија ниту денар од државата за своите достигнувања. Претставниците на Македонија кои настапија со свои експонати и притоа освоија 9 медали во разни категории на саемот „Иноваторство 2013“, воопшто и не присуствувале на доделувањето на наградите во Белград, бидејќи патните трошоци морале да ги платат сами од својот џеб.

Како што објаснува извор за А1он, на саемот во нивно име присуствувало лице од Здружението на иноватори, кое по враќањето од Србија, ги известило добитниците за освоените златни, сребрени и бронзени медали.

inovat (4)

– Никој не ни вети дека доколку оствариме успех, ќе бидеме финансиски наградени. Но, реално, секој од нас го очекува тоа. Ние како амбасадори на Македонија, се вративме како апсолутни победници, освојувајќи медали во сите области. Кога спортистите постигнуваат добри резултати и освојуваат медали, државата ги наградува. Ние остануваме занемарени, па се прашувам зошто потрошив вкупно 8 месеци за изработка – реагира изворот за А1он.

Секретарот на Сојузот на пронаоѓачи и автор на технички унапредувања Веле Нелковски, бил еден од тројцата претставници на саемот во Белград. На прашањето зошто македонските пронаоѓачи чии иновации се натпреварувале на саемот не биле присутни, тој потврди дека единствената причина се финансиските средства. Нелковски објаснува дека не очекувале никаква награда од државата, туку бил среќен и што воопшто биле примени од Владата.

inovat (2)

– Насловот под кој настапивме „И вака се сака Македонија“ е сам по себе предизвикувачки. Со него сакавме да нагласиме дека и покрај тоа што сме финансиски немоќни, силата ја покажуваме преку нашите иновации. Буџетот на Сојузот на пронаоѓачи е тенок и затоа не можевме да обезбедиме пари за транспорт на сите учесници од Македонија.

Од друга страна, наставничката во осмолетката „Дедо Иљо Малешевски“ од Берово, Сузана Гаштеовска, објаснува дека таа како ментор заедно со ученичката Ингилизова била уредно поканета за присуствува на „Иноваторство 2013“ во Белград, но била спречена да патува поради екстерното тестирање.

– По доделувањето на наградите имавме свечен прием кај премиерот Груевски. Освен честитање за остварениот успех, не добиме ништо. Сепак, во организација на општина Берово, градоначалникот Наџински обезбеди дводневна екскурзија низ Македонија за учениците кои добија награди, како и останатите членови на „Народна техника“ во Берово – изјави Гаштеовска.

inovat (1)

И професорката на Технолошко – металуршкиот факултет, Анита Грозданов, не присуствувала на доделувањето на наградите бидејќи била во Италија. Таа вели дека сите македонски иновации кои биле изложени на саемот се одлични и ја заслужиле наградата.

– Јас не очекувам државата да ме награди за мојата иновација. Пожелно е за сите иноватори да се создаде клима за нивните иновации да влезат во процесот на производство, наместо да очекуваат финансиски да бидат наградени од државата – изјави професорката Грозданов.

Во рамките на изложбата, во конкуренција од 110 пронајдоци од 11 држави членки на Меѓународната асоцијација на пронаоѓачи, македонските претставници освоија вкупно 9 медали во 3 категории. По приемот, премиерот Груевски и членовите на Комитетот за иновации и претприемништво ја истакнаа значајноста на ваквите успеси, и воедно ги изразија уверувањата и заложбите за продолжување на ваквите успешни достигнувања.

Воедно, Груевски ја истакна и поддршката која Владата на Република Македонија ја дава за зголемување на иноваторско-пронаоѓачката дејност во Македонија како предуслов за постигнување на успешен високо технолошки и одржлив економски развој во нашата држава, која е наменета и за развој и продукција на идеите и производите на иноваторите.

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

Млади инвоатори ќе ја претставуваат Македонија на глобалниот младински предизвик Generation unlimited – Технологија за планетата 2022

Млади иноватори од нашата земја добија глобално признание за иновација за дигитална инклузија

Ландов

Светниколските иноватори со своите изуми против Ковид-19

А1он

Млади иноватори креираа дигитални решенија за инклузија на деца и млади со попреченост 

Ана Ололовска

Млади иноватори и претприемачи од 12 земји ќе ги решаваат проблемите со кои се соочуваат

Ана Ололовска

Соработка на иноваторите од Македонија и Франција

Ана Ололовска