Светниколските иноватори со своите изуми против Ковид-19

Од:

Четириесетгодишниот Никола Глигоров и 35-годишниот Ивица Поцков од Свети Николе денеска го претставија новиот уред за комплетна дезинфекција на простории од вируси и бактерии наречен „UV Guard“. Апаратот, кој е мобилен, денеска беше презентиран во зградата на Општина Свети Николе, каде што се направи и дезинфекција на сите простории против ширење на коронавирисот.

Глигоров и Поцков се другари кои долги години заеднички работат на изуми. За новиот апарат велат дека  е уред за дезинфекција на простории што работи со УВЦ-зраци. Првиот ќе го донираат на Општина Свети Николе, но останатите што планираат да ги изработат се наменети за инфективните оддели, но и за другите медицинските установи во државата.

– Станува збор за уред кој со силни УВЦ-зраци за кратко време ја дезинфицира просторијата и ги елиминира вирусите и бактериите. Конструиран е за да биде мобилен, лесно се движи низ простории, има сопствено напојување и контрола со далечинско или со апликација на мобилен, вели Поцков.

Двајцата иноватори, Поцков и Глигоров, апаратот „UV Guard“ го склопиле за четири до пет дена. Користеле делови кои се набавуваат во земјава и странство, а ценатаа за да се произведе ваков апарат изнесува околу 1.000 евра. Велат дека ова што го работат е волонтерски, во интерес на државата.

– Овој уред е прв од ваков тип на Балканот и сите уреди што ќе ги произведеме ќе бидат донирани во здравствени институции со цел борба против Ковид-19. Го искористивме карантинот со мојот другар за добри цели за државата, а со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, вели Глигоров.

Никола и Ивица велат дека дејството на УВЦ-зраците е докажано на светско ниво и веќе постојат слични  уреди во светот, но тие се статични и користат електрична енергија. Важно е само, велат тие, просториите што се дезинфицираат да бидат празни, без пациенти, за да нема последици по нивното здравје.

Жителите на Свети Николе  двајцата иноватори, кои со  години работат заедно, ги знаат како прогресивни и, како што велат, знаат и умеат сè  да изумат и направат. Во помалите средини за ваквите иноватори постои израз дека се „чудо“ од луѓе.

Светиниколските иноватори веќе се организирале и работат на неколку вакви уреди со различна моќност и капацитет, а, како што велат, во зависност од просториите кои ќе се дезинфицираат и ќе се употребува соодветниот уред. Ивица е економист и компјутерџија, а Никола е по електрониката. Заеднички ја почнале постапката  за патентирање на неколку свои изуми. Последен проект им е прочистувач на  воздух.

– Освен овој проект, имаме изработено и неколку други проекти. Во завршна фаза и во моментов работиме на филтер за прочистување на воздухот, кој ќе биде употребуван за надворешна средина. Значи за елеминарање на гасови и на ПМ-честички. Зафаќа голема површина и има за цел да се инсталира на високофреквентни места, вели Поцков

Градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски, е горд на иноваторите од својот град.

– Општина Свети Николе  стои зад целиот овој потфат. Согласно изјавите од конструкторите, сите идни уреди ќе ги донираат на здравствените институции во државата. Ова е уште еден доказ дека Свети Николе располага со прекрасни умови кои се ставени во функција на подобрување и зголемување на заштитата во борбата со коронавирусот.Нека овој пример биде поттик на сите наши сограѓани , да ги вклучат своите потенцијали, со цел поголема превенција и заштита од најголемото зло на денешницата, вели Велковски.

Пунктовите за дезинфекција на возила изум на светниколчанецот Дарко Петрушев

Општинските кризни штабови во земјава на влезовите во градовите имаат поставено пунктови за дезинфекција на возилата кои влегуваат или излегуваат од градовите. Вообичаено тоа се корита или дупки со вода и средства низ кои поминуваат возилата. Но, Свети Николе има три пункта со автоматска  дезинфекција и видеонадзор и се различни од останатите. И ова е дело на млад иноватор. Станува збор за Дарко Плешков, кој е член на Доброволното противпожарно друштво во Свети Николе.

– Благодарност до нашиот ентузијаст Дарко Петрушев, кој заедно со членовите на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, како и на наши сограѓани Славче, Аце , Јордан , успеја да ги стават во функција овие автоматски систем за дезинфицирање на возилата. Со ова продолжуваме во поголема превенција и заштита на нашите сограѓани од коронавирусот, а на возачите апелирам да ја намалат својата брзина при поминување низ системот за дезинфекција, вели Велковски.

Градот Свети Николе, кој се наоѓа во срцето на Овче Поле, втората житница во земјава,  добро се справува со пандемијата. Во овој град не се регистрирани случаи на позитивни на коронавирус. Единствен е и по тоа што младите од двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ заеднички се вклучија во дезинфекција на објектите. Над 30 волонтери со рачни пумпи ги дезинфицираат куќите и становите на жителите во оваа општина, без разлика дали станува збор за  градот или руралните средини.

Би можело да ве интересира

Кривична за поранешен градоначалник на Свети Николе

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Маж кој се претставувал како полициски инспектор сакал да измами седум семејства од Свети Николе

Горан Наумовски

Пожар во Свети Николе, изгореа два објекта

Полициските хеликоптери со исфрлени 54 тони вода го локализираа пожарот кај Свети Николе

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов