Соработка на иноваторите од Македонија и Франција

Од:

Факултетот за електротехника и информациски технологии, во чии рамки функционира Центарот за трансфер на технологии и иновации (ИНОФЕИТ) ќе добие поддршка од Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје за соработка со француски институции во областа на иновациите.

Достигнувањата на овој Центар, кој е идентификуван од Европската инвестициска банка како Регионален центар за извонредност, единствен од ваков тип на Западен Балкан, им беа презентирани на францускиот амбасадор Кристиан Тимоние, директорот на Францускиот институт Емануел Рембер и аташето за култура, Бранко Чобанов од страна на домаќините, деканот на Факултетот Димитар Ташковски и продеканите Владимир Димчев и Владимир Атанасовски (управител на ИНОФЕИТ).

Како што соопштуваат од ФЕИТ, амбасадорот Тимоние ги поздравил сите активности на ИНОФЕИТ и плановите за привлекување на 25 докторанти кои ќе работат на фундаментални и применети истражувања за потребите на локалната и глобалната индустрија. Тој потенцираше дека е во тек потпишување договор за деловно-техничка соработка меѓу Франција и Македонија.

-Со овој договор ќе се овозможи мобилност на иноваторите од двете земји за да се идентификуваат можностите за заеднички проекти за истражување и развој, во тесна соработка со индустријата. Францускиот институт и Амбасадата во Скопје стојат на располагање да ги поттикнат и охрабрат можностите за научно-техничка соработка на клучните чинители од двете земји со цел да се зголеми економскиот раст и развој заснован на напредни и нови технологии, рече Тимоние.

Професорот Атанасовски истакна дека со активности ИНОФЕИТ се стреми да ги привлече младите и талентирани научници и истражувачи, преку нивно вклучување во различни проекти насочени кон практично образование, учење базирано на решавање на проблеми, колаборативни студии на случај на различни инженерски теми.

-ИНОФЕИТ ќе овозможи комерцијализација на развиената технологија во рамки на ФЕИТ и УКИМ. Поддршка на новоформираните компании / стартапи и спин оф ќе се овозможи преку различни инструменти на ИНОФЕИТ. Но, особена поддршка ќе биде овозможена преку новоформираниот Деловно – технолошки Акцелератор УКИМ, подвелече Атанасовски.

Според деканот Ташковски, идејата за создавање на ИНОФЕИТ произлегла од потребата за целосно применување на концептот на трипл хеликс, односно унапредување на соработката на универзитетите со индустријата во делот на иновациите.

-Глобалните трендови покажуваат дека науката дава најголем придонес во технолошкиот развој на економиите и индустријата кога универзитетите се носечки партнери во проектите за применетото истражување и развој. Првиот исчекор веќе е направен со шест компании партнери на ИНОФЕИТ, кои ја согледаа предноста за вклучување на академскиот кадар во нивните проекти за истражување и развој и финансиски го поддржаа отворањето на ИНОФЕИТ, истакна деканот Ташковски.

Тој посетува дека на последниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, ИНОФЕИТ беше една од ретките наставно-научни институции кои заедно со четири компании поднесоа апликации (од кои три се одобрени), што ќе овозможи непосредна соработка на наставно-научниот кадар и на студентите на ФЕИТ во технолошкиот развој на нови производи и услуги на македонските компании.

Би можело да ве интересира

Акредитирана Студиската програма на англиски јазик на интегрирани студии по Ветеринарна медицина

Ана Ололовска

Меѓународната недела на Филозофскиот факултет

Ана Ололовска

Одобрен Правилникот за давање средства преку иновациски ваучери

Драган Поповски

МОН: Не сме давале насоки како синдикално да се организираат вработените на факултетите

А1он

Млади иноватори креираа дигитални решенија за инклузија на деца и млади со попреченост 

Ана Ололовска

Почнува 40. МАКИНОВА 2019 и 17. ЕКОНОВА 2019

Ана Ололовска