„Се отстапува пицерија во Центар, гостилница во Кисела Вода, разработено кафуле во Аеродром“ – изобилува со вакви огласи во онлајн огласниците.
Неброени огласи за отстапување на кафулиња, пекари, ресторани и бутици, може да се видат во огласниците.
Кризата предизвикана од коронавирусот видно ја намали работата на угостителските објекти. Луѓето исплашени за своето здравје поретко се одлучуваа да ги посетуваат кафулињата и рестораните. Тоа доведе до намален профит и до многу пропаднати угостителски објекти.
„А1он“ исконтактира со десетици од нив, но сопствениците не сакаат јавно да зборуваат за причините поради кои креваат раце од своите бизниси и ги отстапуваат на други.
Тие ги отстапуваат своите бизниси со целосна документација, простор и инвентар, а дел од нив веќе успешно ги пренеле на друг сопственик.
Оние пак кои сепак успеваат да опстанат за време на пандемијата, велат дека се соочуваат со големи финанскиски предизвици.
„Страшно е што овие месеци сме пуштени во лер, извештаите покажуваат пад од 40% во споредба со 2019та, а ако биде вака до 14 мај како што се зборува, Господ да ни е напомош. Земавме кредит од банка за да ја пуштиме мартовската плата, кириите за февруари, март и април не ни се платени, ако не побрзаат со помошта и да ги додадат април и мај толку од нас“, вели сопственик на кафуле во Дебар маало.
За тешката состојба во која се наоѓаат сопствениците на угостителските објекти се зборуваше и на денешната прес конференција на Туристичко угостителска комора, на која беше најавен протест за утре.
„За спас на угостителските дејности се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории врз основа на бројот на вработените во 2020, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување на мораториум, односно репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, сè додека не ни се дозволи да работиме без рестрикции“, беше кажано на прес конференцијата.
Тие велат дека со протестот сакаат јавно да го покажат незадоволството од ситуацијата во која се наоѓаат.