Атентатор самоубиец и неколку вооружени напаѓачи денеска го нападнаа претставништвото на Програмата за развој на ОН (ПРООН) во сомалиската престолнина Могадишу, изјавија полицајци и очевидци, цитирани од британските медиуми.
– Атентатор самоубиец се крена во воздух на влезот на претставништвото на ПРООН, а потоа неколку вооружени борци влегоа внатре и отворија оган, рече полициски службеник.
Портпарол на ОН потврди дека напаѓачите успеале да упаднат во зградата. Подоцна радикалната исламистичка група Аш Шабаб ја презеде одговорноста за нападот.
На својот официјален профил на Твитер групата соопшти дека по првата експлозија битката меѓу нејзините борци и силите за безбедност траела повеќе од еден час.
Претставништвото на ПРООН е на неколкустотици метри од обезбедениот аердром во градот, што служи како главна база на африканските мировници, кои се борат со исламистите во Сомалија.