Врнежливото време ќе продолжи и утре кога, според најавата на УХМР, локално ќе има дожд претежно во западните и крајните источни делови, на места поројни проследини со појава на грмежи.
Потоа, во следните два дена, ќе биде стабилно со пораст на дневната температура, а услови за краткотраен дожд ќе има само во планинските подрачја. Под влијание на нов влажен бран, во петок и сабота повторно ќе има врнежи од дожд кои на места ќе бидат пообилни.
Врнежите од дожд денеска на повеќе места ќе бидат поројни и проследени со грмежи, локално се очекува да наврнат над 15 литри на квадратен метар. На планините на северозапад ќе врне снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, во западните делови од западен, а вдолж Повардарието од северен правец. Максималната температура денеска ќе биде во интервал од 9 до 16 степени.
Во Скопје слично време – претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, со температура до 12 степени.
Како што информира УХМР, во изминатите 24 часа најмногу врнежи од дожд имало во Дојран – 16 литри на квадратен метар, 14 во Виница, 12 во Струмица, 11 во Демир Капија, 10 во Скопје – Зајчев Рид и Дебар, 9 во Берово, 8 во Гевгелија, Пожаране, Лазарополе и Пожар, 7 литри на квадратен метар се измерени на Попова Шапка, 6 во Тетово, Маврово и Штип, 5 во Куманово и Охрид, 4 во Скопје-Петровец, 3 во Прилеп, Ѓуриште и Крушево и 1 литар на квадратен метар во Претор, Битола, Демир Капија и Тополчани.