Воената проба за закопот на Војводата од Единбург, принцот Филип, кој почина минатата недела на 99-годишна возраст, понуди увид во посебно изработениот „Ленд Ровер“ со кој телото на сопругот на кралицата Елизабета Втора ќе биде пренесено до капелата Свети Џорџ во Виндзор.
Во дизајнирањето на уникатниот „Ленд Ровер“ учествувал и самиот принц Филип, а целиот процес траел дури 18 години. Моделот „ТД5 130“ бил обликуван според желбите на Војводата од Единбург, а тој барал и колата да биде во темно зелена, војничка боја.
Автомобилот има отворен горен дел и е опремен со посебни гумени држачи кои го зацврстуваат ковчегот. Конечните прилагодувања се извршени во 2019 година.
Специјалната верзија на популарниот модел „Дифендер“ е склопена во фабриката на „Ленд Ровер“ во Солихал во Англија во 2003 година, а принцот Филип низ години ги надгледувал многуте надградби на возилото.
Според Тиери Болоре, извршниот директор на „Јагуар Ленд Ровер“, принцот бил „страшен шампион за дизајн, инженеринг и технологија“.
„За време на посетите на нашите фабрики, тој се интересираше за работата на стотици вработени и го покажа своето импресивно знаење и длабоко интересирање за дизајн на автомобили, инженерингот и производството“, изјави Болоре.