„Доматите се од Струмица, Кочани, Зелениково…. не со од Албанија“ – оваа реченица постојано ја повторуваа земјоделците – продавачи на домати низ зелените пзараи во Скопје и други градови во државата.
Земјоделците се жалеа дека имало голем увоз на домати од Албанија што нивното производство го направило неисплатливо годинава- барем за пролетната реколта.
Кои беа причините, дали увозот на домати од Албанија е законски, немаше објавено во медиумите. Оваа тема помина тивко, иако земјоделците – производителите на домати постојано се жалеа, но немаше кој да ги слушне.
Немаше реакција ниту од некое од земјоделските здруженија. Ваквата слика на увоз на земјоделски производи се случува скоро секоја година изминатите две децении – претходно бевме сведоци на увоз на домати и други земјоделски призводи од Турција.
Од ваквата практика полза имаат трговците – увозници и високи функционери во државните институции, надлежни за увоз на земјоделски производи. Малкумината профитери, го уништуваат македонското производство – цел еден сектор-земјоделството, го обезвреднуваат трудот на земјоделците и го зголемуваат увозот наместо да се стимулира извозот. Токму затоа имаме и девизен дефицит.
Македонија има идеални услови за развој на аграрот
Со своите климатски услови и повеќе од 200 сончеви денови во текот на целата година, Македонија има идеални услови за производство на основните прехрамбени производи. Тоа го имаат потврдено сите истражувања на странските агенции.
Но, денеска нивите исполнети со најразновидни плодови и пасиштата полни со грла на стока како да станаа минато. Пасиштата ги заменивме со планови за работа во деловни објекти, а нивите со трговски центри.
Тоа и‘ даде помодерен изглед на земјата, но ја остави без храна. Факт е дека Македонија не може сама да ги нахрани своите граѓани, барем таков впечаток добиваме од сé поголемиот увоз на храна.
И покрај милионските суми што државата ги издвојува за поддршка и развој на земјоделството, за субвенции и земјоделски машинерии, Македонија наместо да го намалува, од година во година го зголемува увозот на храна, за кој троши стотици милиони евра. Каде и за кои намени завршуваат ови големи суми пари?!
Увозот поголем од извозот
Домашното производство на жита, месо, масло за јадење, млеко или шеќер, ниту оддалеку не ги задоволува потребите на населението. Иако се декларираме како земјоделска земја, со одлични климатски услови за производство на голем број земјоделски производи, сепак, Македонија секоја година троши стотици милиони евра за да увезе храна.
Зачудувачки е фактот што од странство не се купуваат само егзотични овошја, кафе или морски плодови, односно суровини кои не опстојуваат во нашите услови, туку купуваме и скапа пченица (бидејќи немаме доволно своја) за да имаме доволно леб, смрзнато месо (бидејќи немаме доволно свое) за да може да работи преработувачката индустрија, како и сончоглед, кој одамна го нема на македонските ниви.
Увезуваме и риби и преработки од риби, чај, јајца и додатоци за исхрана. Од странство се купува и добиточна храна и ѓубрива, но бидејќи истиве се прескапи за земјоделскиот џеб, огромен број на земјоделци одлучуваат да го намалат своето производство, и така се движиме во еден маѓепсан круг од кој мора да излеземе што е можно побрзо.
Слободно можеме да кажеме дека Македонија станува сé поголем зависник од увоз на храна и пијалоци. Доколку се погледне статистички, зголемен е увозот на речиси сите прехранбени производи, од земјоделски до разна готова храна, а главна причина за тоа е македонското дефицитарно произодство.
Во земјата постои огромен потенцијал за производство на храна, но тој не е ниту најмалку искористен. За 20,4% е пораснат увозот на храна во 2012 година во споредба со 2011 година, а најмногу увезуваме месо и преработки на месо.
Еве што велат податоците од државниот Завод за статистика: Последните податоци ги споредуваат првите десет месеци од 2012 во споредба со 2011. Увозот на храна и живи животни се зголемил за 3,1%, кај пијалоците и тутунот регистриран е раст од 7,8%, а додека најголем пораст на увозот од 13,4% е забележан кај животниските и растителните масла.
Не треба да нè загрижува увозот на нафта и возила или пак некои култури кои не опстојуваат кај нас. Она што загрижува во билансот е големиот увоз на земјоделски производи и храна, кои сепак Република Македонија има капацитет и можности да ги надмине и да го зголеми извозот на тие производи на странските пазари, со што би се избалансирал трговскиот дефицит.
Увезуваме 75% од потребите за прехрана на населението
Податоците покажуваат дека само до пред десетина години дури 70% од потребите за храна се задоволувале од домашно производство. Денеска од увоз надополнуваме од 50 до 75 проценти од потребите на населението, што е премногу. Од друга страна, пак, речиси секоја година има примери на незадоволни земјоделци, кои немаат каде да си го пласираат родот.
Целиот увоз на Македонија минатата година достигнал вредност од над 7 милијарди долари, што е огромен раст ако се спореди, на пример, со увозот кој земајва го имала 1990 година кој изнесувал 1,5 милијарди долари.
Друг зачудувачки факт е што Македонија најмногу увезува од Србија, што е апсурдно имајќи ги предвид сличните климатски услови и географски предиспозиции на двете земји. Минатата година, за 10 месеци, увезени се српски прехранбени производи во вредност од 109 милиони евра, а за предминатата 2011 година во износ од 124,6 милиони евра.
Некој ќе рече: „Субвениции има!“ Тоа го слушаме постојано! А, сепак, македонскиот земјоделец трпи загуби! Зошто? Поради недоволната информираност од страна на експертите. Почнува да кружи мислењето дека субвенциите се фрлени пари. Без јасна цел и без план како таа цел да се постигне, но и без критериум за мерење на резултатите и контрола на трошењето, субвенциите се бунар без дно во кој се фрлаат парите.
Владејачките структури гордо изјавуваат дека го потпомагаат македонското земјоделство, но некако, не ја согледуваат полезноста да го ориентираат земјоделското производство кон оние земјоделски култури, кои можат да му донесат висок доход. Земјоделците се препуштени самите на себе. Никој не ги советува што да садат (во зависност од карактерстиките на обработливата површина што ја поседуваат), ниту, пак, колку да садат и одгледуваат (вишокот на огледаните плодови, секоја година скапува на нивите). Политиката на субвенционирање треба да биде коректорот за фармерите да се орентираат кон производство кое ќе и им донесе нив повисоки приходи а воедно ќе влијае во намалување на увозот од старнство.
Aвтор: Елена Павловска
Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“.