Агенцијата за млади и спорт денеска преку соопштение до јавноста изрази жалење за немилите настани во македонскиот клупски фудбал и даде целосна поддршка на Фудбалската федерација на Македонија во спроведување на правилата.
– Агенцијата за млади и спорт ја користи оваа прилика да ја искаже својата целосна поддршка до Фудбалската федерација на Македонија со верување дека и во оваа состојба, кога два спортски колектива „војуваат„ за пласман во Првата македонска фудбалска лига, ќе ги примени и искористи сите свои права, надлежности и можности за доследно почитување и спроведување на актите, пропоизициите за натпревари и сите останати односни правила на фудбалската игра.
Од АМС упатуваат апел до сите клубови спортски да се однесуваат и на тој начин да се зголеми популаризацијата на фудбалот, а сите недоразбирања да се надминат согласно пропозициите.
– Фудбалот во Македонија е најпопуларен и најмасовен спорт, што дополнително стимулира и мотивира борба да се игра во највисокиот степен на натпревари во кој се вклучени и ангажирани симпатизери и поддржувачи на најуспешните фудбалски клубови и сите сакаат на свој начин да помогнат во остварување на целта. Во таа насока, упатуваме апел до управите и раководствата на фудбалските клубови и нивните органи да дадат прилог со објективни настапи пред спортската и пошироката јавност, со аргументи, почитувајќи процедура утврдена во актите на Фудбалската федерација на Македонија и, доколку се присутни одредени слабости, истите да се надминат согласно надлежностите во рамки на органите и телата на федерацијата, стои во соопштението од Агенцијата за млади и спорт.
Ова соопштение е реакција по последните случувања по прекинатиот бараж натпревар за влез во Првата лига меѓу Еуромилк и Дрита, како и заканите на дел од екипите составени од етнички Албанци за формирање паралелна лига.