Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поројни и проследени со појава на грмежи. Пообилни врнежи ќе има во северозападните и североисточните делови од земјава, кои локално ќе бидат и над 15 л/м2.
Во текот на ноќта врнежите ќе се прошират насекаде, а на планините на северот ќе преминуваат во снег. Ќе дува умерен до засилен јужен, а во горниот тек на Повардарието силен северен ветер. До крајот на денот ветерот вдолж целото Повардарие ќе се промени во северен.
Највисока температура денеска е измерена во Штип и Гевгелија – 24 степени, во Скопје Петровец, Битола и Струмица 23, во Тетово и Демир Капија – 22, во Скопје Зајев Рид и Прилеп 21, во Охрид 20 и во Претор, Крива Паланка и Берово се измерени 19 степени.
Времето утре ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, кои на планините и на некои повисоки места во северните делови ќе бидат од снег. Најобилни врнежи се очекуваат во западните делови (локално над 20 л/м2). Ќе дува засилен северен ветер, особено вдолж Повардарието, а дневната температура значително ќе се намали. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната од 5 до 13 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд и со засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде околу 5, а максималната само до 6 степени.
Во понеделник ќе има преодна стабилизација на времето со пораст на дневната температура, а нов влажен бран се очекува во вторник кон крајот на денот и во среда, кога повторно ќе дува засилен северен ветер. Утринските температури кон крајот на неделата на повеќе места ќе бидат негативни.