Двајца црногорски рибари денеска на околу два и пол километри од брегот кај Петровац, успеале да уловат ајкула долга неколку метри.
На кусите снимки што ги направиле Владан Витезовиќ и Стефан Радуновиќ, се гледа нивниот плен – крупниот примерок на ајкула, од вид кој според двајцата рибари, кај локалните жители е познат како „лисица“.
Рибарите за РТВ Будва изјавиле дека откако кусо време ја набљудувале ајкулата, ја вратиле во водата.
Ајкулите не се ретка глетка во Јадранското Море, но главно се гледаат помали видови, кои ретко напаѓаат луѓе. Според црногорските медиуми, во последните 120 години, во ова море се забележани вкупно 13 напади на ајкули со смртоносен исход.