Француското Министерство за одбрана денеска реагираше на извештајот на ОН, според кој во воздушниот напад на француската армија во јануари биле убиени 19 цивил. Официјален Париз ги отфрла овие наводи и тврди дека немало грешки на неговите војници во Мали и изрази „многу резерви“ за извештајот на Обединетите нации.
Истрагата на Обединетите нации заклучи дека во воздушен напад извршен од француската армија во Мали во јануари, загинале 19 цивили собрани на свадба, а не само џихадисти, како што тврди Париз, се наведува во извештајпт до кој дошла агенцијата Франс Прес.
На крајот на истрагата, спроведена од Одделот за човекови права на Мисијата на Обединетите нации во Мали (Минусма), поддржана од форензичката полиција на Обединетите нации, за настаните што се случија на 3 јануари во близина на Бунти, во централниот дел на земјата, Минусма „е во состојба да го потврди одржувањето на свадбена прослава на која биле собрани сто цивили, меѓу кои имало и пет вооружени лица, наводни членови на Катиба Серма “, се наведува во заклучокот од извештајот.
Катиба Серма е поврзана со Групата за поддршка на исламот и муслиманите (ГСИМ или на арапски јазик ЈНИМ), џихадистички сојуз, поврзан со Ал-Каида.
Во нападот биле убиени најмалку 22 лица, вклучувајќи и тројца осомничени членови на Катиба Серма. Деветнаесет починале веднаш, додека тројца за време на евакуацијата, се тврди во документот.
Погодената група „во големо мнозинство беше составена од цивили кои се луѓе заштитени од напади според меѓународното хуманитарно право“, потсетува Минусма.
Француските власти секогаш уверуваа дека немало свдаба, дека разузнавачките служби „формално“ утврдиле дека тоа бил еден од многуте собири на џихадисти во регионот и дека интервенцијата на патролата на француските авиони исфрлајќи три бомби „неутрализирала“ околу триесет од овие лица. Достапните елементи „овозможуваат да се исклучи можноста за колатерална штета“, изјави уште во јануари Генералштабот на француската армија
Француското Министерство за одбрана реагираше остро, отфрлајќи грешки на своите војници во Мали и изразувајќи „многу резерви“ за извештајот на ОН. Министерството потврдува дека „на 3 јануари француските вооружени сили извршија воздушен напад насочен кон вооружена терористичка група идентификувана како таква во близина на Бунти“.
Минусма препорачува малиските и француските власти да спроведат „независна, кредибилна и транспарентна истрага“. Таа се залага за прегледување, па дури и модифицирање на процедурите пред нападите. Исто така, се препорачува Французите и Малијците да се обидат да утврдат одговорност и, доколку е потребно, да им дадат отштета на жртвите и нивните роднини.