Во пописот на Република Северна Македонија се попишуваат граѓаните кои имаат македонско државјанство, рече денеска премиерот Зоран Заев по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со попишувањето на дијаспората и некои тврдења дека се самопопишуваат лица кои не се државјани на земјава.
-Јас не мислам дека некој може да го спречи тоа попишување, но тоа не е валидно, затоа што ниево базата на податоци имаме кој има македонско државјанство. Во пописот на Република Северна Македонија се попишуваат сите граѓани кои се државјани. Тоа значи дека секој што нема државјанство не може да се попише. Тоа значи дека ниту Американец, ниту Швајцарец, ниту Германец, може да се попише затоа што нема државјанство, истакна Заев.
Нагласи дека дури и доколку некој без државјанство внесе податоци во системот, тие нема да бидат веродостојни и автоматски се поништуваат.
-Го имаме регистерот на населението, ги имаме државјанствата, ги имаме од тие државјанства, кои се резиденти, кои не се резидентни, односно повеќе од една година живеат надвор од државата и не може да се направи никаков фалсификат во оваа статистичка операција. Го знам законот, правилата на Евростат, ние го имаме изводот на државјани на државата. Ако кој било што не е државјнин се попише, тоа ќе биде анулирано, истакна премиерот.
Согласно постигнатиот договор со Мицкоски за одложување на пописот од 5 до 30 септември, Заев потенцира дека продолжува процесот на самопопишување на дијаспората дотогаш.
На новинарското прашање зошто на дијаспората и се дава можност да се попишува седум месеци, а на граѓаните тука еден еден месец и зошто на граѓаните во земјава не им се даде можност за електронско попишување, наместо физичко Заев одговори дека кога се бара консензус се наоѓаат начини никому да не се наштети, додавајќи дека дијаспората веќе почнала да се попишува и досега собраните податоци на околу 200 илјади треба да бидат верификувани и потврдени, со цел да се мотивираат да се самопопишат сите кои живеат надвор.
-Физичкото попишување е секако поризично од онлајн попишувањето и затоа прифативме прво да ја дозволиме помасовната имунизација на населението, посебно имунизацијата на попишувачите. Тврдењето на лидерот на опозицијата дека по втората вакцина се стекнува имунитет во ред, ако тоа значи од нивна страна повик за попис, ако значи поддршка на резултатите од пописот секако покажавме разбирање. Онлајн попишување ако дозволиме дома, тогаш никој физички нема да се попише и тоа не е во ред, рече Заев.
Додаде дека таква можност секако останува за граѓаните кои ќе бидат позитивни на коронавирусот во тој период.