Има сериозен недостаток од мајстори, занаетчии, но и градежни работници, професии кои во минатото биле основни, ценети, но и темел за изградување на еден подобар живот. Тоа го покажуваат последните истражувања направени на пазарот на трудот. Да се биде занаетчија, градежен работник, молер, пред само неколку децении значело да се има посебно место во општеството, да се има добар животен стандард. Но денес тоа не е така, зошто?
Подобро да градиш во Москва, отколку дома
Инфраструктурите промени кои се правеа низ Македонија, спомениците и објектите кои интензивно се градеа покажаа една жална слика за нашето општество. Тие беа градени само од искусната рака на постарите мајстори. На градилиштата речиси и да не можеше да се види некој млад градежник, освен ако не е дојден во улога на контролор, шеф, сопственик.
Старите и веќе изморени мајстори, кои во минатото со гордост го научиле градежниот занает се оние кои со последни сили работат и денес, немајќи на кого да му го пренесат својот занает. Младите иако заминуваат во европските земји, како исфрлени од цунами, и макотрпно работат на градилиштата, се трудат и заработуваат, тоа не сакаат да го работат и во својата татковина. Тоа нели е еден вид на дволичност, или се страмат да работат во своетое родно место, бидејќи овие професии се сметаат за потценувачки?
Малата заштита која ја имаат градежните работници, губењето на животот и уште помалата заработувачка се можеби мотивот за полека, но сигурното изумирање на оваа професија во нашата земја. Но, под исти такви услови, а можеби и помалку заштитени- се работи и во Чешка, Москва, Авганистан, Катар, каде Македонци можат да се сретнат на секое градилиште. Но, можеби тоа е последица на попримамливиот мирис на доларот или еврото.
Горделивиот Македонец во својата земја внимателно го пребира секое вработување, позицијата која би ја имал, профитот и статусот во општеството, но штом ја премине границата заборава на сите овие свои принципи и се впушта во бескрупулозна борба за живот и за поголема заработка.
Но, не само мирисот на еврото и доларот се причина за немањето градежниците во Македонија. Политиките на преголема достапност на високото образование, добивањето дипломи и сертификати на секој чекор- ја будат амбицијата во младите, а тие потоа по години минати во академските клупи, по потрошените пари, воедно со големо горделиво его, дека се стекнале со диплома без оглед дали и научиле, не сакаат да работат нешто што е под нивната диплома. Но, и политиките „мавтај малку со партиско знаме и стани директор“, им даваат додатен стимул да ја исмеваат чесната заработка на градежниот работник под врелото сонце и да сонуваат барем за еден незаслужен мандат во некоја мека и удобна фотелја.
Ќе извезуваме ли и ние работници?
Бројот на невработени во нашата земја расне како младо тесто, спремно за месење. Но, паралелно со него расте и бројот на високо образовани кадри, кои пред некоја амбасада чекаат дозвола да „градат кариера“ на некое од градилиштата ширум светот.
Нивниот број е толку голем што мораше да се креира еден софтвер кој ќе ги распределува по земјите кои имаат потреба од нив, но во тој софтвер не беше внесено името на нашата земја, која очајно плаче за храбри млади луѓе кои ќе работат макотрпно и чесно ќе го заработат својот леб.
Ќе започнеме ли да наликуваме на Бугарија, која пред само една деценија го направи високото образование речиси и предостапно за сите, па си креира еден слој високообразовни лица, кои со својот европски пасош ги преплавија земјите членки на Европската Унија, а Бугарија започна да извезува градежни работници, берачи на плантажи кои претходно се закитиле со диплома на бугарските факултети?
Сите во трка за директори и министри
Со изумирањето на градежните работници, занаетчиите, не се најавува ли изумирање и на тутуноберачите, одгледувачите на праски и пиперки, на чесните луѓе кои заработуваат под врелото сонце? Започна ли македонската почва да раѓа само директори и министри?
Градежните работници кои се специјализирани за креирање на објекти кои се енергетски ефикасни, речиси и да се непознат поим во нашата земја, а се оние кои Европската Унија наметнува да ги имаме, па кои ќе бидат тие храбри млади луѓе кои ќе го остават индексот и ќе ја фатат теслата во рака?
Но, нели е подобро невработен правник отколку градежен работник? И партиската книшка е полесна за носење од теслата, како и одењето од штаб до штаб, молењето за вработување, наместо гордото движење по објект во изградба.
„Знаењето е сила, знаењето е моќ“- не важи за да се биде квалификуван градежен работник, бравар, молер, ако се погледне по образовните програми кои речиси и да не нудат стекнување на овие знаења во рамките на формалното и неформалното образование. Сигурно е подобар статусот на вечен студент, од ученик на некој занает.
И последните огласи кои нé преплавуваат бараат лица, кои немаат образование и кои долго време се невработени, за вработување во државниот сектор, како тој да не е веќе доволно преполнет. Ваквите политики на Владата не може да звучат како поттик за младите да започнат со занаетчиска професија, ако треба да се преквалификуваат, додека не станало и тоа предоцна.
Автор: М-р Наташа Димеска
Авторката е аналитичарка во онлајн магазинот „Револуција“ , линк http://mkrevolucija.com