За да се развијат антитела потребни се три недели. Особено во овие три недели луѓето треба да се чуваат повеќе отколку што се чувале до сега.
Ова е една од препораките на микробиологот, д-р Никола Пановски, до македонските граѓани кои викендов се вакцинираа во Србија, но и до сите оние кои неодамна примиле вакцина против Ковид-19.
„Ако малаксаноста и главоболката, покачената температура, по приемот на вакцината траат подолго од два дена, треба да се помисли да не не се резултат од вакцината, туку може да станува збор за инфекција добиена пред или за време на вакцинирањето во Србија“, вели Пановски за „А1он“.
За ефикасноста на вакцината „АстраЗенека“ која ја примија македонските граѓани во Србија, првите резултати стигнале пред 3 дена, со оглед на тоа што втората доза се прима 8 до 12 недели по првата, па од тие причини потребно било време за да се извршат испитувања кај лицата што ја примиле првата доза во декември лани или во јануари годинава. Испитувањата биле направени 14 дена од приемот на втората доза.
„Ефикасноста била 76%, што е слично со процентот што го декларираше производителот, 79%. Колку време штити една доза не се знае. Веројатно некаде помеѓу 50% и 60%, се разбира откако ќе поминат барем три недели од првата доза. Вакцинираните можат да се заразат и меѓу двете дози, а многу поретко, можат и по комлетираната вакцинација. Процентите кои се наведени погоре штитат од болест, а се смета дека и оваа вакцина како и фајзеровата и Mодерна, ќе штити 100% од хоспитализација и од смрт“, појаснува Пановски.
Дали вакцинираните лица можат да бидат преносители на вирусот и што би значело тоа во реалноста, според Пановски, е рано да се каже.
„Пораката до вакцинираните е и понатаму, па и кога ќе ја примат втората доза, да ги почитуваат мерките, тоа е и законска обврска, се додека бројот на нови случаи дневно не стане двоцифрен, а особено бројот на смртни случаи не се намали под 5 дневно“, вели тој.
Според бројот на граѓани кои излегоа и влегоа во земјава од граничниот премин „Табановце“, се смета дека околу 10.000 граѓани се вакцинирале во соседна Србија, од вчера до денеска напладне. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека тие ќе можат втората доза на „АстраЗенека“ да ја примат во земјава, но тоа останува неизвесно, особено поради фактот што засега се стигнати само 24 илјади дози од вакцината. Се очекува во текот на месец април да пристигнат нови дози, а и вакцини од други производители, во случајов од кинеската „Синофарм“.
И од Министерството за здравство денеска алармираа дека сите кои примиле деновиве вакцина треба да се исклучително внимателни следните недели и да продолжат да ги почитуваат мерките за лична заштита, како носење маска, физичка дистанца и одржување лична хигиена.
„Најчести несакани ефекти по примање на вакцината се – болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Овие несакани ефекти се јавуваат кај 1/10 индивидуи. Поретко се јавува алергиска реакцијa. Најчесто несаканите ефекти се благи и краткотрајни и исчезнуваат еден до два дена по вакцинацијата“, информираа од Министерството.
Во среда во земјава ќе се започне вакцинацијата со „АстраЗенека“ кај лицата постари од 75 години, со хронични заболувања.